Народен правобранител: Голем дел од учениците не знаат каде да пријават повреда на нивното право

Голем дел од учениците не знаат каде да пријават повреда на нивното право, а најчесто училиштето го препознаваат како орган/институција каде што треба да се обратат – покажува истражувањето на народниот правобранител во кое се содржани одговори од 1147 ученици од 14 средни училишта од Скопје на анонимен онлајн-прашалник.

На прашањето колку се охрабрени да пријават повреда на правото – 84 отсто од учениците се охрабрени, што е навистина добар показател. Но, разочарувачки е податокот што дури 68 отсто од одговорите покажуваат непрепознавање орган или институција во државата каде што би можеле да се обратат за повреда на правата, рече заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, која го презентираше истражувањето во средното училиште „Васил Антевски-Дрен” по повод Светскиот ден на детето – 20 ноември.

Според истражувањето, најчести причини за непријавување на повредата се страв или срам, недоверба дека би имало позитивен ефект или затоа што не знае каде да пријави.

Бајрамовска-Мустафа нагласи дека од особена важност е децата да ги знаат своите права, содржани во Конвенцијата за правата на детето, да ги знаат механизмите за заштита бидејќи само детето што го знае правото, рече таа, може да препознае кога му е повредено.

Само дете кое знае дека се забранети физичкото, психичкото и емоционалното насилство или сексуалната злоупотреба, ќе знае дека со некоја постапка му се прави булинг, му се врши повреда на правото и, знаејќи ги органите, ќе знае каде треба да го пријави тоа. Не да молчи и да очекува, како што има одговори во истражувањето: „Никој нема да му посвети внимание на 16-годишно дете” или „Не сум сигурен дека некој од органите ќе го земе тоа сериозно”, рече заменичката на народниот правобранител.

Таа ги повика учениците од „Васил Антевски-Дрен” и од други средни училишта кои присуствуваа на презентацијата да се обратат до Народниот правобранител – и за совет, но и да пријават некој вид повреда, нагласувајќи дека институцијата многу сериозно ќе ги сфати нивните пријави.

Според неа, од голема важност е да се работи со стручните служби во училиштата, тие да бидат екипирани, но и соодветно обучени за препознавање на повредите на правата на децата и да ги охрабруваат. Тоа е дополнително важно, рече таа, откако инклузивното образование стана задолжително.

Треба многу да се работи за стручните служби да бидат екипирани со сите стручни профили, не само со педагог и психолог, туку и со логопеди и специјални едукатори, обучени за сите повреди на правата на детето. Овие служби конечно треба да бидат препознати од децата како места или служби каде што ќе можат слободно и отворено да пристапат и да бараат заштита, а не да ги перципираат како органи или служби каде ги праќаат само кога не почитуваат некој кодекс на училиштето, рече Бајрамовска-Мустафа.

Омбудсманот го доставил анонимниот прашалник до сите 25 средни училишта на Град Скопје, а досега се добиени одговорите од 14 училишта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот