Народ на заборавот

александар литовски
Александар Литовски/Фото: Слободен печат

Треба неуморно да истражуваме, да пишуваме и да зборуваме за сите наши луѓе што почнаа да се движат по земјата македонска не како Срби, Бугари или Грци, туку како Македонци, како слободни луѓе што не сакаат веќе никому да му служат и робуваат. Заради нас денеска, заради нашиот опстанок, нив треба да ги извадиме од заборавот и со краен пиетет, секојдневно, да им се поклонуваме.

Во денешното постфашистичко време, како што го дефинира и Растко Мочник, под бугарски националшовинистички притисоци и уцени, а со помош на нивните западни спонзори, ние сме на пат да го замениме сопствениот триумфален антифашизам и македонизам со легализација на неонацизмот и на пробугарскиот врховизам. Националната самодеградација што ни се проектира, која недвојбено е срамна антимакедонска и антицивилизациска операција, треба да се изврши со помош на ровокопачите на заборавот и лагата, именувани како демакедонизација, декомунизација и историографски десничарски ревизионизам. Најчистите плодови на тој програмиран и подмолен профашистички и антимакедонски заборав ги гледаме во сатанизацијата на македонските антифашистички борци, девастирањето на спомениците на слободата, во марширањето на радикални неонацистички формации со униформи на кои „гордо“ се топорат ликовите на Тодор, Ванчо, Џемо…, во секојдневната антимакедонска и антикомунистичка пропаганда од врховистите и балистите…

Од европските наследници на поразениот хитлеризам, фашизмот денеска им се продава на европските граѓани како оправдана реакција и легитимна алтернатива на комунизмот, а кај нас и во цела Источна Европа, дискредитирањето на социјалистичкото минато се претвори во важна алка на „демократската“ легитимност во неолибералниот европски поредок. Политичкиот естаблишмент на Македонија со својата конфабулација произлезена од идиотската неолиберална теорија за „два тоталитаризма“, се труди да го заборави и да се откаже од македонското антифашистичко и државотворно наследство. Така се остава простор за експанзионистички посегања од соседите по македонскиот историски наратив и територијата македонска. Тој наш, „самостоен и независен“, политички македонски естаблишмент, со својот, на една страна анационален, а на друга страна антинационален пристап во градењето на македонската држава нè прави, во големо мнозинство, краткопаметни глувци што лудачки трчаат во големодржавните стапици на соседите.

Од тој политички програмиран заборав произлегува негаторскиот однос кон народните херои кои ја донесоа македонската слобода и државност, потценувачкиот однос кон оние што ја градеа државата и ја афирмираа нацијата, па никаде не можете да сретнете не споменици, туку барем улици со нивните имиња. Наспроти нив, ете, излегле од темнината на минатото и од длабочините на нашата крвава и антимакедонска историја, како од отворен гроб, оние антимакедонски вампири кои не заслужиле ниту името да им биде споменато и запаметено на македонска почва, а не, пак, да им биде подигнат монумент. Тажна и грда е таквата наша денешна обливиозна стварност…

Стануваме народ кој е тешко болен од хипомнезија. Народ кој се претвора во збирштина од поединци кои се национални аналфабети и историографски дислексичари. Луѓе со „отсонуван декор на заборавот“, како што убаво еуфемистички би запишал авторот на „Естетика на исчезнувањето“, Пол Вирилио. Вистината македонска веќе не се прикрива, таа сурово и безочно се ништи. Под притисок на агресивниот големобугарски наратив, вистината и лагата веќе немаат никакво значење, а санстефанските фикции го заземаат местото на автентичниот и реален македонизам.

Ние, ако се прифатат идиотските бугарските уцени и антимакедонските врховистички бајки, не само што ќе станеме народ без свест за време, туку ќе станеме аморфна маса без национално чувство која секој може да ја дели и присвојува. Народ кој секојдневно ќе треба да пие вода од Лета и да заборава, не само што правеле и што преживеале неговите предци, туку што бил, што правел и што преживеал тој самиот во своето непосредно минато. Народ што ќе биде без чувство за сопствената македонска национална, државотворна и културолошка традиција. Народ на заборавот.

Затоа, како резистенција на антимакедонството, за луѓето наши треба да се зборува. За Пулевски, Чуповски, Мисирков, Сандански, Колишевски, Црвенковски, Ацева, Апостолски, Јасмин, Арсов, Чемерски, Влахов, Конески… За сите оние наши македонски луѓе што го развија во себеси коефициентот на висока македонска национална свест, силна волја и смелост да се оттргнат од антимакедонските пропаганди и лаги, па престанаа да бидат топовско месо во туѓите битки, престанаа да учествуваат како македоноубијци во задгрбните политики на подлите соседи, кои само сакаа да ја заграбат македонска земја. За луѓето кои антимакедонските пропаганди ги демонизираат како македонисти, комунисти, социјалисти, џуџиња, акопаки икони, родоотстапници…, но кои ја создадоа и ја афирмираа македонската национална свест. И за оние кои по четириесет и четвртата ја создадоа и ја градеа државата, а кои кај нас, сè уште, во голем дел, се непознати, се неистражени, неопишани и намерно заборавени. За луѓето македонски што поверуваа дека волјата на единката може творечки да дејствува врз волјата на мноштвото и ја афирмираа македонската национално-идентитетска самостојност. Треба неуморно да истражуваме, да пишуваме и да зборуваме за сите наши луѓе кои почнаа да се движат по земјата македонска не како Срби, Бугари или Грци, туку како Македонци, како слободни луѓе кои не сакаат веќе никому да му служат и робуваат. Заради нас денеска, заради нашиот опстанок, нив треба да ги извадиме од заборавот и со краен пиетет, секојдневно, да им се поклонуваме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот