„Наркоманите“ ни одржаа лекција за вистинскиот пат во животот

„Чувајте ги своите деца од криминал, потрудете се да ги слават вистинските вредности во животот, да не навлезат во расипништво и да не земаат пример од луѓето кои се сега главни „ѕвезди“ во реалити шоу програмите“, порача меѓу другото на синоќашниот „Пивофест“ во Скопје фронтменот на групата „Ван Гог“, Ѕвонимир Ѓуќиќ Ѓуле.

Неговата главна поента беше, идните генерации да се изведат на „вистинскиот пат во животот“, без притоа да посегнат по алкохол, наркотици и сите други работи кои водат кон оној другиот „полесен“, но полош правец.

Ѓуле сакаше да ни каже дека славењето на новите „фаци“, кои се почесто ги гледаме на телевизија во бројните реалити шоу програми во регионот, всушност не нѐ едуцираат, напротив, не враќаат назад, а на најмалите им ги полнат главите со невкусни, некултурни работи.

Ваквите зборови, во овој случај од Ѓуле,  кој сепак не е единствениот кој предупредувал на оваа тема, доаѓаат од фронтмен на група која припаѓа на рокенрол правец, музички стил кој отсекогаш, за жал и денес, барем кај нас во државата и Балканот, бил поврзуван токму со тој „расипнички живот“.

Иако ќе помислите дека е премногу меинстрим сега да ги коментираме стереотипите дека „дрогата и рокенролот одат рака под рака“, па да се убедуваме дека тоа не е така, сметам дека токму во ова време мора еднаш засекогаш да се стави крај на таквото размислување.

Многу ми беше мило кога синоќа на концертот на „Ван Гог“ видов повеќе родители кои заедно со најмалите го следеа концертот и уживаа во квалитетната музика. Тие деца нема да се стекнат со „наркоманска“ култура, тие деца нема да станат личности кои утре ќе му бидат оддадени само на рокенролот како музички правец, тие деца ќе прераснат во личности од кои секој ќе сака да земе пример и ќе има што да научи. Зошто? Бидејќи со примањето на таквата култура тие ќе научат да ги почитуваат различностите меѓу луѓето, а воедно ќе се претворат во мирољубиви академски граѓани полни со разбирање.

Време е еднаш засекогаш сите да сфатиме, а пред се родителите, дека опасноста не доаѓа од овие луѓе облечени во искинати фармерки со долги коси, опасноста доаѓа од оние на чии концерти одат вашите 12-13 годишни деца. Вистинската опасност доаѓа од нивните идоли, на кои во секој текст вториот збор им е пцовка, а секој трет „музичар“ од нив има криминално досие во полиција.

Страшно е колку некултура владее на телевизиските екрани, и не само преку тие реалити шоуа за кои зборуваше Ѓуле, туку и генерално гледано од секој аспект, а посебно ова важи за оние нови „рап ѕвезди“.

Затоа, наместо да ги чувате децата од овие „наркомани“ облечени како рокери, позанимавајте се малку со оние „идоли“ на чии концерти урлаат и се дерат вашите деца, бидејќи токму тие, „наркомани“ ни одржаа лекција за вистинскиот правец во животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот