24.8 C
Скопје

Наредбата на Бајден ќе ја вразуми Софија?

Според аналитичарите, оваа наредба најверојатно нема да придонесе Бугарија да го тргне ветото за македонските преговори со ЕУ сега, пред самитот на 22 јуни, но силно ќе влијае врз идната политичка влада да се забрза решението.

Извршната наредба на американскиот претседател не го спомнува директно Договорот за добрососедство со соседна Бугарија, но јасно е дека заканата со санкции кон сите што го „загрозуваат мирот, безбедноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западниот Балкан…“ е силна порака и за официјална Софија. Според аналитичарите, оваа наредба најверојатно нема да придонесе Бугарија да го тргне ветото за македонските преговори со ЕУ сега, пред самитот на 22 јуни, но силно ќе влијае да се забрза решението.

До самитот има уште 11 дена и уште не е реализирана средбата помеѓу премиерот Зоран Заев и техничкиот премиер на Бугарија, Стефан Јанев, која се најавуваше пред две недели. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со блокади на Скопје и на други градови три дена по ред инсистира Владата да обелодени што содржи патоказот, за кој разговараат министерствата за надворешни работи на двете земји.

 

САД нема да дозволат блокирани евроинтеграции

 

Според поранешниот вицепремиер за ЕУ и амбасадор во САД, Васко Наумовски, во наредниот период Вашингтон силно ќе влијае врз европските политики.

– Најавата на претседателот Бајден дека САД се враќаат на меѓународната сцена, дадена на почетокот на мандатот, меѓу другото се реализира и преку овој тип конкретни активности.  Целта на САД е цврста стабилизација на Балканот преку интеграција во ЕУ, при што ставовите на нејзините партнери од регионот треба да бидат усогласени со оваа политика. Попречувањето на европската интеграција не оди во прилог на оваа стабилизација, со што може да се толкува дека потезите насочени против проширувањето на ЕУ нема да наидат на одобрување во Вашингтон. Можеби е доцна за поместување во однос на јунскиот самит на ЕУ, но по формирањето на нова влада во Бугарија, оваа тема секако ќе биде дел од нивните билатерални разговори со САД. Не смее да се игнорира и постојаната борба за влијание во регионот од различни центри на моќ и на овој начин САД ставаат до знаење дека нивната вклученост на Балканот ќе се зголеми, особено кај членките на НАТО. Расчистувањето со корупцијата е подигнато високо на нивната политичко-безбедносна агенда и се препознава решеност за конкретни активности на ова поле – вели Наумовски за „Слободен печат“.

Според професорот Љубомир Фрчковски, поранешен министер за надворешни работи, извршната наредба на претседателот Бајден значи дека нејзина цел се сите лица што разговараат или во втор план го држат концептот на промена на границите, како и они што ги попречуваат договорите во регионот.

– Притисокот на Бугарија кон нас е релативизирање на членот 4.7 од Преспанскиот договор, кој треба нас да нè дефинира како словенска нација со словенски јазик што е признат меѓународно. Тоа е елемент што индиректно, па директно го напаѓа Бугарија, па оваа извршна наредба е и порака кон нив. Вредносно е важна таа наредба и ќе има влијание – оцени Фрчковски за ТВ Телма.  

Поранешниот амбасадор во НАТО Нано Ружин вели дека САД се отвораат кон Балканот и дека се ангажираат околу односите со Русија и Кина.

– Наредбата за замрзнување недвижнини и забрана за влез во САД на сите што е ги поткопуваат договорите се однесува на целиот Западен Балкан, не само на Македонија и на Преспанскиот и Охридскиот договор, и мислам дека делумно ќе се однесува и на Договорот со Бугарија, доколку продолжи онаа манипулација со јавното мислење. Ова е еден потег од едукативна смисла, да се подигне политичката култура на политичарите – рече Ружин за ТВ24.

 

За договорите – да, за корупцијата – не

 

Македонскиот државен врв деновиве ја оцени наредбата како силна поддршка од САД за договорите што обезбедија решение на проблемите на Балканот и јасна порака дека корупцијата нема да се толерира, затоа што таа ги создава проблемите. Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска, декретот покажува дека интересот на САД кон Западниот Балкан се зајакнува и дека е „јасна пораката дека ангажманот ќе продолжи и ангажман нема да биде само зад затворени врати, туку ќе биде експлицитен и јавен“.

– Декретот испраќа две пораки, дека договорите се влог во безбедноста на Балканот и дека од сите земји во поширокиот регион очекуваат силна борба против корупцијата. Сите нив, меѓу кои и Преспанскиот договор, САД ги толкуваат и ги сметаат за гаранција за безбедноста и стабилноста на овој регион. Втората порака е дека од сите земји очекуваат силна борба против корупцијата. Двете пораки што ги испраќаат САД се добредојдени за сите нас што посакуваме да живееме во подобар регион, кој што не е само дел од евроатлантското семејство и НАТО, туку е дел од една евроатлантска култура на владеење на право, на демократски вредности, слободни медиуми, кои носат просперитет – рече Шекеринска.

Од Софија, пак, повторно стаса порака дека Бугарија ја поддржува Македонија на европскиот пат. При видеоконференциска средба на претседателот Румен Радев со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, Радев повторил дека неговата земја принципиелно и доследно ја поддржува европската интеграција на Македонија. Според бугарските медиуми, тој посочил дека Бугарија очекува одржливи резултати во процесот на градење добрососедски односи и во тој поглед е најважен „директен и отворен дијалог меѓу двете најблиски земји на Балканот за да се постигне вистински напредок“.

Според Весела Чернева од тинк-тенк организацијата Европски совет за надворешни односи, санкциите на Вашингтон се директно предупредување од Бајден до алчните и несовесни лидери на Балканот дека корупцијата е клучно прашање што треба да се реши.

– Објавата на Бајден во врска со земјите од Западен Балкан е многу поопшта, не содржи специфични имиња и компании, но веројатно ќе ја замагли алчноста и невниманието на некои балкански лидери – оцени таа.

Поврзани вести

Лукаревска: Наша единствена алтернатива е ЕУ

Слободен печат

Пукотница во Старата скопска чаршија

Слободен печат

Филипче од Штип: Покажавме дека за нас зборот е збор, го имаме најдоброто за секоја општина

Слободен печат

Ексцентричен тајкун, креатор на најпознатата антивирусна програма, пронајден мртов неколку часа по одлуката за екстрадиција

Слободен печат

Заев тврди дека не разговарал со Ахмети за промена на знамето, грбот и химната

Слободен печат

Заев за новите проекти: Се воведува еколошка такса, ќе се инвестира во обновливи извори

Слободен печат

Остави Коментар