Напуштените и изнемоштени коњи конечно ќе бидат згрижени

Покрај грижата за кучињата кои немаат сопственик, од оваа година, ЈП „Лајка“ во рамките на програмата за хуман третман и благосостојба на животни скитници на подрачјето на Град Скопје, ќе ја вклучи и грижата за коњите во својата програма за работа.

– Со оглед на тоа дека коњите неретко се користат како превозно средство, а рутинската грижа на коњите е значаен и постојан трошок, многу често се случува колабирани и угинати животни да гледаме на улиците на територија на Град Скопје. Набавната цена на коњот, честопати е помала од трошоците за негово одржување на годишно ниво, затоа често пати се наоѓаат напуштени, изнемоштени во различни региони во главниот град. Земајќи ја предвид сериозната ситуација на овие животни, прифатилиштето на ЈП „Лајка“, оваа категорија на животни ја приклучува во Програмата за хуман третман и благосостојба на животни скитници за 2021 година, преку неколку активности, а согласно со годишната наредба за здравствена заштита на животните од Агенцијата за храна и ветеринарство – стои во Програмата на ЈП „Лајка“ за 2021 година.

Активностите во кое ќе биде вклучено ЈП „Лајка“ се: извештај од доктор по ветеринарна медицина за животното, заловување на коњ, транспорт на коњ, храна за коњи и прва медицинска помош кај коњи.

На коњите им треба постојан пристап на суво, безбедно засолниште за да се заштитат од дожд, силен ветер, снег, екстремно високи и ниски температури, редовно снабдување со храна и вода, одржување на копитата, потреба од ветеринарна нега (најмалку еднаш годишно треба да се вакцинираат од тетанус и други болести и да се прават испитувања и контроли), ставање под антипаразитски режим од стручен доктор за коњи, според годишната Наредба за здравствена заштита на животните од Агенцијата за храна и ветеринарство, што доколку не се направи, може да предизвика сериозни болести и смрт – се вели во Програмата.

Од ЈП „Лајка“ објаснуваат дека тие како јавно претпријатие ќе бидат вклучени во заловувањето и третманот на напуштените и изнемоштени коњи, но како претпријатие немаат ингеренции да одземаат коњи од сопствениците. Сепак, согласно Програмата за хуман третман и благосостојба на животни скитници на подрачјето на Град Скопје на ЈП „Лајка“ за 2021 година, тие ќе бидат вклучени во заловувањето и транспортот на коњите кои ќе бидат одземени од Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за одземен имот.

– ЈП „Лајка“ во моментов работи на обезбедување на соодветен карантин за овие животни. Транспортот ќе го извршуваме со соодветна приколка, која веќе е подготвена – информираат од јавното претпријатие од каде што велат дека, нивните екипи на терен ќе работат согласно наредбите и решенијата издадени од надлежен инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од Агенција за храна и ветеринарство објаснуваат дека освен нив, ингеренции за одземање животни има и Министерството за внатрешни работи и тоа во случај на констатирани прекршоци од Кривичниот законик (член 233 – мачење животни) и Законот за заштита и благосостојба на животните (член 4 став 6). Оттаму додаваат и дека одземањето на животните треба да е во соработка и со информирање на Агенцијата за управување со одземен имот.

Кога станува збор за движењето на запрежни коли низ скопските сообраќајници, од Агенцијата за храна и ветеринарство објаснуваат дека движењето на запрежни коли е дозволено само доколку се исполнети повеќе услови од повеќе области.

– Примарно е да бидат исполнети условите за безбедност во сообраќајот и да се запази благосостојбата на животните (животното треба да е микрочипирано, во добра здравствена состојба и кондиција и да не биде принудувано на работа која го надминува неговиот физиолошки капацитет). Надлежност за регулирање на нивното учество во сообраќајот има Министерството за внатрешни работи – Сообраќајна полиција, во однос на Законот за безбедност во сообраќајот. Точно се знае под кои услови и на кои улици смее да се движат запрежни коли – објаснуваат оттаму.

Агенцијата за храна и ветеринарство минатата година организираше кампања за подигнување на јавната свест за заштита на работните коњи преку закуп на билборди, видео спот кој се емитуваше на телевизиските станици и одржување на работни состаноци со повеќе институции. Според најавите, кампањата ќе продолжи напролет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот