Напреднато учење на далечина е чекор напред за младите генерации

Напреднато учење на далечина е чекор напред во една област која е се поактуелна поради две причини – многу е практична и штеди ресурси. Тоа го сакаат нашите министри за финансии, но тоа го сакаме и ние како министри за одбрана. Тоа е тема која на младите генерации им ги зголемува шансите да стекнат знаења кои ќе ги направат конкурентни при барањето на работа, но и при напредокот во својата кариера.

Ова денеска го истакна министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на отворањето на Меѓународната научна конференција „MILCON 19″ во Скопје, посветена на современото образование засновано на напредно учење на далечина.

Конференцијата е во рамките на проектот РАДЛИ (Регионална иницијатива за дистрибутивно учење на регионално ниво), поддржан од Норвешка и во имплементација на американскиот Џеферсон Институт. Целта е споделување искуства и добри практики во користењето на напредни техники за учење на далечина во разни научни области.

Како што појасни денеска министерката, напреднато учење на далечина е перформанс за помалку пари.

– Политика без наука не може да функционира. Може да функционира, но со ризик за големи грешки. Патувам многу, среќавам многу свои колеги од политичкиот свет, меѓутоа вистинските интересни дебати се случуваат особено кога ќе направиме крстосница меѓу луѓе од политиката и луѓе од науката, оние кои можат да размислуваат пошироко, послободно, покреативно и оние кои мора да носат одлуки- рече Шекеринска.

Министерката додаде дека ако одлуките што ги носиме ги базираме на знаење, на рацио или на прагматични анализи кои што се базираат на докази, тогаш тие ќе бидат многу подобри.

Според неа, партнерството со проектот РАДЛИ е од дополнително значење затоа што покажува дека во овој регион ги научивме лекциите од минатото, научивме како да соработуваме, дури и кога не се работи само за пошироки проекти, туку соработуваме заради тоа што, како што појасни, сакаме да имаме добро соседство и да имаме добри соседи.

Шекеринска истакна дека регионалната соработка со Србија, Словенија и Босна и Херцеговина, но и поврзаноста на регионот со светот, овозможен од партнерите и идни сојузници од Норвешка и од Џеферсон Институтот, покажува дека имаме многу што заедничко и имаме заеднички интереси.

– Технологијата, а особено информатичките технологии, го трансформираа нашиот живот. Ни ги направија целите повисоки амбициите поголеми, хоризонтите пошироки, а брзината неверојатна. Некогаш дури и по цена на нашето здравје и нашите нерви, а како што појасни, да се стави сето тоа во функција на наука и образование, е навистина чин на визионерство и мудрост- рече Шекеринска.

Министерката Шекеринска истакна дека светот одамна оди по патека на технологијата, но изрази увереност дека и ние не заостануваме.

– Целта ни е јасна, и нашите ресурси ги ставаме таму каде што е наша цел. Имаме капацитети, имаме знаење, имаме ум за сето ова. Но, секогаш може да биде и подобро. Токму оваа технологија, токму интернетот, фактот дека светот веќе е на дланка, ни ги нуди неограничените можности за сево ова- рече министерката.

Според Шекеринска, спојување на военото знаење и информатичките технологии дава фантастичен резултат што може да биде во служба на општото добро, може да биде служба на безбедноста, мирот и просперитетот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот