Направени се измени во проектот: Ќе продолжи ли конечно обновата на Универзална сала?

Универзална сала / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Од Град Скопје објаснуваат дека е стигнато ново техничко решение од проектантот врз основа на кое е неопходно да се изврши измена на првичниот договор за којшто Град Скопје има поднесено допис до Владата.

Реконструкцијата на Универзална сала со месеци е запрена, откако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, уште во март посочи дека проектот по кој се работи има грешки и е небезбеден. Таа нагласи дека работите ќе продолжат, но откако ќе се направат измени во проектот со кои ќе се гарантира безбедноста на сите граѓани кои ќе ја посетат салата кога ќе биде завршена реконструкцијата.

Сега, шест месеци подоцна, работите сѐ уште не се поместени од каде што запреа. На Универзална ништо не се работи. Сепак, измени во проектот се направени, па се очекува, како што беше претходно најавено, да продолжи изградбата на фасадата и куполата.

 Како што и многупати во претходниов период градоначалничката на Град Скопје истакна дека поради проблеми со статиката и одредени аномалии на претходниот проект во текот на изминатиот период, беа извршени промени на основниот проект во консултација и констатирани, од Градежен факултет и од самиот проектант – објаснуваат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека до Град Скопје е стигнато ново техничко решение од страна на проектантот врз основа на кое е неопходно да се изврши измена на првичниот договор за којшто Град Скопје има поднесено допис до Владата.

Се надеваме дека во најбрз можен рок, надлежните во владата ќе овозможат непречено одвивање и интензивирање на градежните работи во Универзална сала – нагласуваат од Градот.

Од Град Скопје потсетуваат дека проектот за Универзална сала од неговото усвојување од страна на претходното градско раководство, според договорот кој е потпишан треба да е во целост финансиран од Владата на Македонија.

Пред неколку месеци градоначалничката на прес конференција влезе во јавна расправа со претставници од Асоцијацијата на архитекти и со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, тврдејќи дека има грешки во проектот и како што рече, наместо планираните столбови од проектираното решение утврдено е дека ќе треба да се зајакне со уште два носечки столба. Но, како што посочи Арсовска, тое не се единствените проблеми на проектот.

Изведувачот се соочува со низа проблеми поради неусогласеност на проектот со постојната состојбата на објектот, како и низа неочекувани состојби со градежно-конструктивните елементи односно непостоење арматури во ѕидовите, испукани армирано – бетонски плочи на сцената, неочекувани постојни темели на места каде не биле предвидени претходно и слично. Да се направела соодветна анализа пред да се земе овој дониран проект и пред да почнат градежните работи веројатно вакви проблеми кои сериозно ја загрозуваат безбедноста на овој објект, не би биле во овој обем како сега – рече тогаш Арсовска.

За внатрешноста на објектот, како што нагласи градоначалничката, немало ниту проект ниту биле обезбедени пари од Владата. Инаку, за реконструкција на надворешниот дел на Универзална, Владата, уште во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, обезбеди два милиони евра.

Проектот по кој започна да се изведува реконструкција на Универзална е донација на проектантското биро „Мегарон инженеринг“.

Салата е затворена за концерти, театарски претстави и други случувања од областа на културата од 2015 година, откако почна да паѓаат делови од таванот и се увиде дека е неопходна целосна реконструкција. За нејзината обнова имаше повеќе идеи и предлози, беа изработувани проекти, па дури и идеи за нејзино уривање, но потоа, по жестоката реакција на јавноста, беше одлучено со реконструкцијата да се задржи нејзиниот постоен изглед.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот