Напиша проштална порака на Фејсбук и замина во смрт: Руска новинарка се самозапали во Нижни Новгород

Фото: betaphoto/vijesti.me

Главната уредничка на независен руски информативен портал, Ирина Славина почина денеска, откако се самозапали по полициска рација во нејзиниот стан во потрага по докази што би ја поврзале со опозициска група, пренесе медиумот во кој работеше.

Порталот koza.pres со седиште во индустрискиот град Нижни Новгород објави дека нивна главна уредничка Ирина Славина се запали пред главната полициска станица.

Неколку часа пред да си го одземе животот, таа на Фејсбук оставила порака во која напишала „за мојата смрт обвинете ја руската федерација“.

Смртта на Славина ја потврдија и руски полициски извори, а во официјалното соопштение се наведува дека нејзиното тело било пронајдено со изгореници. Набрзо по трагичниот настан, порталот koza.pres стана недостапен.

Вчера на социјалните мрежи, Славина пишуваше дека полицијата и сојузните сили влегле во нејзиниот стан рано наутро и барале докази за врски со „Отворена Русија“, опозициско движење што го основаше поранешниот олигард, Михаил Ходорковски, кој стана ривал на претседателот Владимир Путин.

По смртта на Славина, од Берлин се јави и Алексеј Навални кој рече дека слушнал „ужасна вест“.

– Кривична афера монтирана против Славина со политичко обвинение. Нејзиниот дом вчера беше претресен, вратата исечена, компјутерите запленети. Тие апсолутно ја наведоа на самоубиство, оцени Навални.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот