Наоружани со трпение, утре во јавен превоз: Ученици и работници ќе се возат во намален број автобуси
Утре на почетокот на учебната година учениците ќе останат без превозот на приватните транспортери. Вкупно 10 линии ќе ја возат само првата тура во 5 часот наутро а потоа автобусите ќе одат во гаража.
Приватните транспортери се децидни дека ЈСП им должи милионски суми па затоа утре ќе ги повлечат автобусите од сообраќај.
До сега, од ЈСП „Скопје“ нема одговор до каде е поправката на автобусите и со колку возила ќе стартува зимскиот возен ред утре. Оттаму не одговараат ниту дали ќе се приспособи возниот ред со расположливиот број автобуси за да не чекаат граѓаните со часови по автобуските постојки.
Малтретирањата на граѓаните во јавниот градски превоз ќе продолжи и во наредната година затоа што Град Скопје и ЈСП нема да набавуваат нови автобуси. Причината е веќе добро позната, нетрпеливоста меѓу градоначалничката Данела Арсовска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои две години не дозволуваат набавка на нови автобуси, но ниту реализација на проектот за Брз автобуски превоз, за кои веќе се обезбедени 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој и лежат на наменска сметка неискористени.