Наместо во постојано заседание, Собранието во целосен застој

Собрание
Собрание на РСМ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Заглавени се десетици закони, а не се одржа ниедна седница ниту на некоја од комисиите, ниту на кое било друго собраниско тело, ниту пак е закажана пленарна седница.

Собранието кое теоретски е во постојано заседание, две недели практично е во целосен „активен“ застој. Заглавени се десетици закони, а не се одржа ниедна седница ниту на некој од комисиите, ниту на кое било друго собраниско тело, ниту пак е закажана пленарна седница.

Претседателот на Собранието Талат Џафери со група пратеници од понеделникот е на студиски престој во Бундестагот во Берлин, додека останатите повеќе од 100 пратеници се „на голем одмор“.

Значи, единствената активност на Собранието во овие две недели ќе биде таа на собраниската делегација, која ќе положи цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј  на платото на УКИМ по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители. Делегацијата ќе ја предводи потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, што значи дека Џафери, по инцидентот со службите, и по враќањето од Берлин ќе ги избегне новинарите. Ниту за нареднава недела нема закажани комисиски расправи, а одјавен е и неформалниот брифинг на Џафери со новинарите, првично закажан за 25 мај, што е редовна практика на претседателот во изминативе години. Според најавата на спикерот, нова пленарна седница треба да се одржи на 26 мај, која ќе биде посветена на пратеничките прашања.

Од власта велат дека Џафери по утврдувањето на дневниот ред на последната седница минатата недела препорачал комисиите да продолжат со работа. Требало да заседаваат комисиите за труд и социјала и за земјоделие, но ни тие не се закажани, бидејќи со нив претседаваат пратеници од опозицијата. На прашањето зошто не продолжи со работа Комисијата за избори и именувања, која треба да ги утврди предлозите за уставни судии, а чија претседателка е од СДСМ, од власта велат дека расправата ќе продолжи кога со опозицијата ќе ги усогласат предлозите.

Пратениците од власта речиси секојдневно ги повикуваат колегите од опозицијата да не ја блокираат работата на Собранието. Тие тврдат дека половина година опозицијата не закажала седница на комисијата за земјоделие, дека две години со 2.000 амандмани го блокира Законот за служба во Армијата. Кога ВМРО-ДПМНЕ почна да ја спроведува активната блокада, координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески констатира дека не може ВМРО-ДПМНЕ да е за спас на земјоделството кога три месеци го блокира законот за земјоделство и за рурален развој, не може да е за спас на енергетиката, а осум месеци да го блокира законот за фотоволтаици, дека две години го блокира законското решение за локални патишта и за инфраструктура. Во друга пригода СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ блокира повеќе од 60 закони, меѓу кои законот за наставници и стручни соработници, закони што се однесуваат на работата на општините, законот за Клиничкиот центар, за данок на додадена вредност… Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, пак, преку отворено писмо го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и „неговите“ пратеници да дадат приоритет на законите од земјоделието за помош на земјоделците.

Опозицијата, пак, за блокадата во Собранието ја обвини власта.

– И да сакаме да блокираме, не можеме бидејќи пратениците од власта цела недела не се во Собранието. Опозицијата не е таа што кочи, туку мнозинството го нема во Собранието. Николовски може да им додели субвенции на тутунарите, да обезбеди пласман на земјоделските производи, ама ги одбија нашите предлог-закони – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе се утврдува автентичноста на снимката со Џафери?

Неофицијално, според извори од власта, ако претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетски прашања Панчо Минов закаже седница, прво ќе се утврдува автентичноста на снимката на која се слуша како Џафери ги навредува службениците, а потоа ќе се утврдува дали го прекршил Кодексот. Нејасно е дали надворешни вешти лица ќе ја утврдуваат автентичноста на снимката.

– Собранието има комисии каде што се разгледува колку пратениците го почитуваат етичкиот кодекс. Дел пратеници имаат иницијативи во таа насока и затоа јас би се повикал да се следи процедурата. Собранието е посебна власт во државата и јас како претседател на Владата не можам да спроведувам процедура во него. Во Собранието се кажуваат многу работи. Не можам да дадам оценка за снимка на која се слушаат само гласови. Најдобар одговор ќе дадат тие што биле таму – рече Ковачевски.

Од опозицијата, која поднесе пријава против Џафери, велат дека нивни пратеници биле во салата за време на инцидентот и ќе сведочат за испадот на Џафери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот