Наместо „тетовец“, грав од Мадагаскар се крчка во македонските лонци

Грав што од африканскиот остров Мадагаскар до Македонија патува околу 7.300 километри, може да се најде и во домашните маркети по цена од 115 денари за килограм, што е трипати поевтино од цената на домашниот, автохтон „тетовец“. Вкупното производство на македонскиот грав во 2023 година е намалено за 15 отсто во однос на 2022 година

Грав што од африканскиот остров Мадагаскар до Македонија патува околу 7.300 километри, може да се најде и во домашните маркети по цена од 115 денари за килограм, што е трипати поевтино од цената на домашниот, автохтон „тетовец“. Граѓаните се збунети од фактот дека со години увезуваме овошје и зеленчук што можеме да ги одгледуваме во секој двор и на секој чекор и тоа од најоддалечените земји, а тие се верувале или не, со сите царини и транспортни трошоци – поевтини од домашните.
Увозниците брифираат за „Слободен печат“ дека имаат добра математика, бидејќи земјава речиси не произведува ништо, а тамошните големи приноси и ниските производствени трошоци им обезбедуваат солидна заработка. Од нив може да се дознае дека веќе една година не набавуваат од популарниот „киргистанец“, поради несигурните договори со тамошните производители. Наместо него, домашното тавче гравче веќе наголемо се прави од грав што го увезуваме од Египет, Турција и Туркменистан, што ни го потврдија и од Царината.

– Во Македонија, сушен грав најмногу се увезува од Египет, Турција и Киргиската Република. Притоа во 2024 година се увезени 5.131.480 килограми сушен грав, додека во 2023 година се увезени 4.334.905 килограми сушен грав – информираат од Царинската управа за нашиот весник.

Податоците на пазарниот земјоделски портал откриваат и дека жителите на Тетово, градот што некогаш важел за најголем производител на грав во Македонија, најскапо го плаќаат овој зеленчук. Имено, лани во јули, еден килограм грав во Тетово чинел рекордни 282 денари, додека најниска цена од 142 денари, плаќале струмичани!

Според експертите, производството на домашните сорти грав опаѓа од повеќе причини: недоволна употреба на сертифицирани семиња, недоволно наводнување на површините под оваа култура, но и поради проблеми со болести и климатски промени. Домашните производители губат интерес за производство на грав поради високите влезни трошоци и ниските приноси, наведуваат тие и напоменуваат дека има потенцијал за обновување на производството, но со соодветна примена на техники на одгледување, нови технологии и едукација на производителите. Ова уникатно растение во Европа пристигнало заедно со компирите и пченката од Јужна Америка, уште во 16 век, а на Балканот еден век подоцна, од Италија.

– Нашите земјоделски производи се поскапи затоа што производството е скапо и затоа што со него најчесто се занимаваат мали производители што не можат да бидат конкурентни со цената што ја даваат големите производители во земјите каде што производството е првично поевтино – вели еден земјоделец од тетовско.

Затоа во чинијата имаме домати од Турција, Грција и Албанија, компири од Холандија, лук од Кина… Српскиот агроекономист Милан Простран претходно за „Блиц“, објасни дека домашниот грав на овие простори практично изумрел и поради фактот дека по распадот на поранешна Југославија, немало големи потрошувачи, меѓу кои и кујните на некогашната ЈНА, па затоа домашната манџа се подготвува од грав од Азија.
Според годишниот Извештај на Министерството за земјоделство за 2023 година, вкупното производство на гравот како меѓупосев (5.054 тони) е намалено за 15 отсто во однос на 2022 година (5.913 тони. Инаку, лани биле ожнеани 7.196 хектари насеани со грав, а од нив се добиени вкупно 5.933 тони грав или по хектар 70,2 килограми. Статистиката покажува дека во 2023 година секое македонско домаќинство купило и сварило само 15,8 килограми грав.

Колекција од македонскиот грав се чува во ген-банката во Кали, Колумбија

Професор Соња Ивановска, од Катедрата за генетика и селекција на Факултетот за земјоделски науки и храна, во едно претходно интервју за „Слободен печат“ посочи дека меѓу најстарите и најавтохтони сорти сигурно се оние разновидни зрна грав што се прикажани во книгата „Македонско непроценливо богатство“.

– Од нив, на големи површини се сее само тетовскиот грав, во дворовите, се сеат само неколку белосемени и два-три типа шарен грав. Сите други типови се загрозени од исчезнување и ретко се наоѓаат. Инаку, во меѓународната ген-банка со седиште во Кали се чува најголемата колекција од грав во светот, меѓу кои и од македонскиот – посочи Ивановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот