Наместо САД, сега Путин и Ердоган одлучуваат за воениот и политичкиот хаос во Сирија

EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Американскиот претседател Доналд Трамп договорот за северот на Сирија, кој неговата администрација го постигна со Турците, го поздрави како „неверојатен ден за цивилизацијата“.

Но, Турција веднаш ја „олади“ еуфоричната Бела куќа, одбвајќи да тој договор да го нарече прекинување на огнот, пишува Си-Ен-Ен.

Неколку часа подоцна, на северот на Сирија можеа да се забележат артилериски и воздушни напади, додека Сириските демократски сили ја обвинуваа Анкара и нејзините соработници за тешко прекршување на договорот.

И Вашингтон и Блискиот исток сфаќаат дека прекинувањето на огнот не е вистински. Тој истекува утре, на 22 октомври, на истиот ден кога рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган ќе се сретнат во Сочи за да разговараат за иднината на Сирија.

Според Си-Ен-Ен, работите се многу јасни: светот тогаш ќе дознае која е иднината на овој многу нестабилен регион. Исто така е јасно дека рускиот претседател во голема мера ќе биде човекот кој ќе ја одреди таа иднина.

Со оглед на фактот дека Трамп одлучи да им го заврти грбот на Курдите, главните сојузници на САД во борбата против Исламска држава, и неговото речиси отворено „зелено светло“ за турска инвазија во Сирија, Белата куќа целосно се извлече од сириската равенка.

Според аналитичарите, без разлика дали тоа е добро или лошо, Путин сега е сопственик на воениот и политичкиот хаос кој се случува таму.

Кој е планот на Путин?

За разлика од забрзаните напори на администрацијата на Трамп со дипломатија во последен момент да се обидат да го запрат крвопролевањето кое и самите го започнаа, Путин изгледа како човек со план, сметаат од американската телевизија Си-Ен-Ен.

Русија веднаш започна преговори со Курдите и го главниот сојузник на Москва, владата на сирискиот претседател Башар ал Асад, брзо постигнувајќи договор за дозвола сириската војска да влезе на подрачјето на Курдите. Важно е да се спомене дека Дамаск во овој регион со години не е присутен.

Москва исто така брзо ја распоредни сопствената војска во овој регион, за да ги раздвои Турците и нивните сили од Курдите и од сириските владини трупи.

– Кога ќе се појави руското знаме, борбите прекинуваат – ниту Турците, ниту Курдите не сакаат да ни наштетат, па затоа борбите престануваат благодарение на нас – рече гордо офицерот на руската војска Сафар Сафаров по влегувањето на руската армија во градот Манбиџ.

Фото: EPA-EFE/ERDEM SAHIN

Сепак, со новата улога на Русија како неприкосновена водечка сила, доаѓа и голем ризик. Ситуацијата на североистокот на Сирија е повеќе од нестабилна, предупредуваат од американската телевизија.

Турците јасно ставија до знаење дека нема да дозволат курдско воено присуство во близина на својата граница. Но, копнените сили на Анкара се состојат главно од сириски бунтовнички групи, од кои многумина се исламисти, и Курдите стравуваат дека би можеле да бидат на мета на кампања за етничко чистење.

Покрај тоа, сириските владини сили и бунтовниците кои се во сојуз со Анкара исто така имаат причина да влезат во конфликти поради злоделата кои се направени за време на осумгодишната граѓанска војна во земјата.

Изгледа дека Москва ја разбира опасноста на ситуацијата во која сега има нова водечка улога.

Кремљ сериозно е загрижен поради тоа што државјаните на Русија кои се бореа на страната на Исламска држава и другите бунтовнички групи, би можеле да се вратат во својата татковина – Русија и таму да предизвикаат нестабилност.

И покрај наводите на групите за човекови права дека Москва вршела воени злосторства во кампањата за поддршка на сирискиот претседател Башар ал Асад, како и дека систематски ја бомбардирала инфрастурктурата во земјата и помагала во прикривањето дека користела хемиско оружје, Русија ги демантира овие тврдења.

А кога Сириските демократски сили, во чиј состав има најмногу Курди, дознаа дека САД им го врти грбот и дозволи инвазија на Турција, веднаш одлучија да направат договор со Русите, бидејќи Москва со години соработува и разговара со нив.

САД и Белата куќа на Трамп нема да го најдат решението за хаосот на североистокот од Сирија. Тоа ќе го направат Путин и Ердоган во Сочи, и тоа под свои услови, заклучува Си-Ен-Ен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот