Наместо отказ, најлесно е да не се продолжи договорот

До 2003 година, на определено време работеле само 3,7 проценти од вработените, за лани таа бројка да се искачи на 57,3 проценти.

Причината за сѐ поголемиот број вработувања на определено време лежи во фактот што по истекот на договорениот рок, работодавачот не треба да дава отказ, туку едноставно не му го продолжува договорот на работникот. За разлика од ова, кога станува збор за договор на неопределено време, процедурата е посложена и работодавачот мора да ја докаже причината за отказот на суд. Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи, за „Слободен печат“ вели дека има потреба од скратување на роковите на договорите за работа на определено време. Според Димитров, таквиот договор е нелогичен, а работодавачите се правдаат дека постапката за отказ е многу долга и сложена. Сојузот на синдикати на Македонија веќе подолго време се залага законски да се ограничи договорите за вработување на определено време да траат најмногу до 1 година, а потоа да следува нивно автоматско трансформирање на неопределено време.

– Законски, договорите за работа на определено време се склучуваат кога има зголемен обем на работа за кус период, а не за полесно да се отпушти работникот. Тие договори се користеа за полесен отказ и тоа беше евидентно во ова време на корона-кризата. Правото на работодавачот да не го продолжува договорот на определено време е гарантирано и си има судски постапки каде тоа не се смета за отказ – објаснува Димитров.

Според членот 46 од Законот за работни односи, договорот за вработување може да се склучи на определено време за вршење исти работи, со прекин или без прекин до 5 години. Како продолжение на ова, работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време. Ставот 4 од истиот член вели дека по исклучок работниот однос заснован со договор за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време и пред истекот на рокот од 5 години, ако работникот работи повеќе од 2 години на работно место кое е ослободено по основа на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон.

Според претходни истражувања, до 2003 година пред да се воведе „флексибилноста на пазарот на труд“, само 3,7 проценти од вработените биле ангажирани преку договори на определено време. Оттогаш наваму бројките на ваквите договори постојано растеле, за лани да стигнат до 57,3 проценти. Според податоците на Агенцијата за вработување, од 1 јануари до 31 декември 2020 година се регистрирани вкупно 174.240 пријави на засновани работни односи -М1 обрасци, од кои 42,7 проценти (74.345) биле засновани работни односи на неопределено време, а 57,3 проценти (99.895) се регистрирани пријави на определено време и сезонска работа. Од 1 јануари до 31 март годинава, пак, биле вработени 46.660 лица од кои 27.043 засновале работен однос на определено време и сезонска работа.

– Ова тема има „две страни на медалот“. Кај работодавачите што основаат фирма, се задолжуваат, владее голема несигурност од аспект на обезбеденост со работа, побарувачка и пласман и затоа за нив е полесно да договараат работници на определено време. Од друга страна, работниците што имаат такви договори постојано се на штрек за својата иднина, а нивната работна позиција многу влијае и врз финансиската стабилност – тие се ризично кредитоспособни – додава Димитров.

Текстилците начесто се отпуштаат кога се на определено време

Освен ССМ и невладините организации бараат промена на законското решение и укажуваат дека токму овие вработени најлесно остануваат без работа. Потоа тие се практично на улица, без право за каков било надомест и без судска заштита. Здружението „Гласен текстилец“ подолг период алармира дека работодавачите се повеќе ги трансформираат договорите на неопределено во договори на определено време, со апел до вработените да ги пријавуваат во Трудовиот инспекторат. Се констатира и дека истекот на договорот на определено време е најчест основ за прекинување на работниот однос во текстилната индустрија во последните пет години, а само лани прекините на работниот однос по овој основ бележат раст од 128 отсто.

Според податоците на Агенцијата за вработување од вкупно 18.174 лица, кои останаа без работа поради пандемијата (од 11 март лани до крајот на јануари годинава), речиси 42 процента биле со истечени договори за работа.

Согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност до 31 јануари годинава, евидентирани  се 6.664 невработени лица, корисници на право на паричен надоместок во случај на невработеност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот