Наместени боксерски мечеви на Олимпијадата 2016 во Рио де Жанеиро

На судиите и делегатите им било кажано кој мора да победи во борбите на Игрите во Рио/Фото: EPA/VALDRIN XHEMAJ

Судиите и делегатите местеле боксерски мечеви на Летните Олимписки игри 2016 во Рио де Жанеиро, утврди истрагата.

Меѓународната боксерска федерација (АИБА) го назначи истражителот Ричард Мекларен за шеф на истрагата, при што беше утврдено дека официјалните лица на АИБА ги избирале судиите и делегатите за да можат да организираат мечеви во квалификациите за Олимписките игри и Игрите во Рио.

– Тие одлучија дека правилата не важат за нив – рече Мекларен, кој додаде дека постои „култура на страв, заплашување и послушност кај судиите и делегатите“.

Мекларен изјави дека тогаш на судиите и делегатите им било кажано кој мора да победи во борбата, ден пред мечот на Олимписките игри. Тој не успеа да утврди кој е одговорен за водење на шемата за местење и избор на победникот, пренесува „Гардијан“.

АИБА од декември ја предводи рускиот бизнисмен Умар Кремлев, кој рече дека го променил начинот на судење во боксерските мечеви. Ниту еден судија од Игрите во Рио не судеше на овогодинешните Игри во Токио, по суспензиите.

Олимпискиот турнир оваа година не беше организиран од АИБА, туку директно од Меѓународниот олимписки комитет.

Интернационалниот олимписки комите (ИОК) овој месец изјави дека е длабоко загрижен за АИБА и дека доби жалби за судење на две мечеви оваа година под покровителство на АИБА, Азиското првенство и Светското првенство за млади.

ИОК сè уште не потврди дали боксот ќе остане во Олимписката програма во Париз во 2024 година. Истрагата на Мекларен сега ќе испитува дали имало корупција во управувањето со АИБА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот