Нам ни треба општествен договор за иднината

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

На Запад политиката обично се дефинира низ обидите да се воспостави општествен договор за иднината на заедницата. Веројатно нешто се планира и се предвидува, а науката за таквите обиди – барем колку што разбирам – се нарекува економија. Обично, ефикасен/утописки договор никогаш не е можен до крај, или се воспоставува во случај кога има елементарна непогода, војна или некоја голема економска криза – како онаа во Америка 1929 година, ама факт е дека општествата и политиката се стремат кон таков вид договор. Така, имено, работи иднината.

За минатото, од друга страна, не се договараат. Минатото е работа на индивидуални сеќавања, а историската наука – исто така индивидуално проучувана, така што ниту книжевните обработки не можат да бидат ништо друго освен индивидуални. Договор за минатото се воспоставува само во екстремни ситуации.

Сеќавање на груевизмот

Еден од таквите е Втората светска војна и општествениот консензус за сеќавањето за неа. Ама и тогаш поединци имаат потреба, практично многу разбирливо, да го индивидуализираат погледот на минатото и да ги разбијат таканаречените „колективни сеќавања“ за заедничката, договорена вистина. Договор за минатото може да се воспостави, само треба да се внимава на ревизијата и поништувањето на историските и книжевните стратегии, па дури треба да се внимава на причината за постоење на историографијата и книжевноста.

Во нашите краеви, во бивша Југославија, ама и пошироко на Балканот, сѐ до Турција, наместо договор за иднината се воспоставува договор за минатото. Така што не било она што било, туку било она за што заедницата ќе одлучи дека било. А поради тоа што заедницата ни е скаменета од цврсти окови, што значи окована со цврсти идеолошки системи, некогаш фашизам, некогаш комунизам, а најчесто национализам, погледот на минатото најчесто нема врска со тоа што навистина се случило. И не само што нема врска со тоа што се случило, туку повеќе ниту мислиме дека би требало да има.

Да речеме, ако сакам да се сеќавам на грозниот груевизам, тоа денес се смета за субверзија. Кога сакаш да се сеќаваш, стадото ќе се нафрли на тебе, ќе те обвинат дека лажеш и клеветиш, затоа што стадото „премолчено“ се договорило дека Груевски „можеби и не беше толку лош“? А тој не само што беше лош за себе, беше и брутално лош за сите други – го видовме тоа од приложената и непосредна историја.

Од друга страна, ми се чини дека не е од вчера така, на овие простори така е отсекогаш. Би можеле да напишеме „кратка историја на народното несеќавање“, или може да напишеме „историја на нашата фантомска меморија“. Таквата историја, веројатно, ќе почне од пред 400-500 години или од пред само 100 години, што всушност е сеедно, во време, имено, во кое е нормално да се родиш во една, да растеш во друга и да умреш во трета „вера“, според потребата или според менувањето на царствата. Во таква ситуација забрането е да се сеќаваш, а сеќавањето е субверзивно кога ти како индивидуа се сеќаваш на она претходно.

Нашите луѓе се „јуначни“, екстремни и многу површни. Толку многу се плитки и „јуначни“ така што со своето минато не би знаеле како да се изборат освен со стално заборавање и преправање на минатото. Оти минатото постои само доколку се сеќаваме на него. Времето од вчера постои само доколку се сеќаваме на него.

Збир од срамови

Понекогаш навистина би сакал да знам што има во главата на Бугаринот Каракачанов, би сакал да знам што има во главата на Милошоски, на Николоски, Мицкоски… Како овие луѓе се сеќаваат на минатото, ако воопшто се сеќаваат? Или, ако нивното време е рекреирано, како што веројатно е, така, претпоставувам, овие луѓе живеат надвор од времето. Што, од друга страна, од нив прави „добри“ Македонци, Балканици, Бугари, што било… Затоа што за минатите факти на меморијата не размислува самоиницијативно, не се размислува ниту индивидуално, туку овие луѓе размислуваат „генералштабно“. Ако овие луѓе на нешто се сеќаваат, би требало да умрат од срам. Или кога во еден момент би им се отвориле синапсите во мозокот што водат во минатото, патриотските „народи“ би умреле од срам. Се разбира, не од колективен срам, туку од збир на стотици илјади индивидуални срамови.

Во коренот на целото тоа, значи во несеќавањето, стои патолошка самозаљубеност; треба прилично да бидеш голем идиот за да најдеш задоволство во обожување и слепо покорување на „светината“. Од друга страна, треба јасно да кажеме дека тоталитарните системи всушност се „дегенерирана религиозност“.

А можеби Мицкоски, Милошоски и Каракачанов се сеќаваат на своето минато, ама се сомневам дека тамо наоѓаат што било кое ќе им создаде сомнеж или барем нешто кое ќе ги поколеба. Лично познавам некои типови кои сонуваат за власт само во национализам. Прво догматски, а потоа и во тврдокорен. Иако сум многу поган на јазик, никогаш не сум ги прашал: дали кај вас е можна промена на свеста? А, ако речат – да, можна е, на тој одговор имам ново прашање: што му претходеше на вашето просветление/помрачување?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот