„Најважен е процесот на враќање“: Симона Трповска раскажува за нуркањето на 102 метри

Видео: voa news

На 24 декември охриѓанката Симона Трповска се спушти до 102 метери во длабочините на Црвеното Море во Египет, што е македонски рекорд во техничко нуркање. За подвигот оваа млада успешна дама интензивно се подготвувала една година, во што и помогнал искусен инструктор од Египет, кој воедно е сопственик на светскиот рекорд во длабинско нуркање, објави порталот „Охридњуз“

Три и пол минути ѝ биле потребни да се спушти на 102 метри длабочина во Црвеното море во Египет и тоа што за многумина е невозможно, таа го направи возможно

„Кога ќе се стигнеш до 102 метри и кога првиот момент ќе погледнеш горе, тогаш се прашуваш дали ќе го направам процесот на враќање, бидејќи е најважен процесот на враќање, дали ќе се вратам како што треба. Некако и сопствените граници ги поместуваш, своите несигурности си ги надминуваш“ – вели Симона.

Вака Симона Трповска од Охрид го објаснува нејзиното соочување со длабочините на Црвеното море во Египет, кога на 24-ти декември лани, успеа да се спушти дури до 102 метри длабочина. Таму останала десеттина минути.

 

„Спуштањето е 20 метри во минута за надолу, но јас бидејќи имав нуркања претходно, за три и пол минути бев веќе на 102 метри. Сосема свесно се чувствував на 102 метри, смирено и присебно. Околу мене на 102 метри имаше тишина. Беше тивко и мирно“ – вели Симона.

Враќањето назад траело околу еден час.

Иако по професија е консултант за ЕУ финансирање, нуркањето во морските и езерски длабочини е нејзина љубов. Тоа е посебен животен стил, вели кој бара многу одрекувања од секојдневните животни активности.

„Тоа значеше секој ден подготовки, тренинзи, одреден начин на исхрана, легнување рано, станување рано, одрекување од други активности. Консумирање алкохол, па дури и во некои нормални количини, чашка или две, не е дозволено пред нуркање. Друг спорт не можеш да практикуваш пред самото нуркање. Не можеш и по самото нуркање. Главниот елемент на нуркањето е дека телото мора добро да ти разменува гасови, бидејќи имаш преголема сатурација на самите гасови“, објаснува Трповска.

Таа е првата Македонка која успеала да го направи овој предизвик и една од ретките во светски рамки. За истиот се подготвувала една година, а и помагал и инструктор од Египет.

„Сè уште е мал процентот на жени што се бават со овој спорт. Но јас би ги охрабрила бидејќи е интересен спорт и мислам дека и жените имаат и капацитет, бидејќи бара и ментална подготвеност и контрола, и мислам дека и женската популација природно го има тоа како карактеристика“, смета Симона.

Љубовта кон нуркањето се родила во Охридското езеро, каде ги научила првите чекори и каде сè уште со љубов го прави тоа.

Најголем впечаток и оставило едно нуркање на Филипини.

„Има остров Малапаскуа. Таму има еден тип ајкули, кои се многу ретки да ги видиш на едно место константно. И на тој малечок остров доаѓаат нон-стоп, бидејќи имаат како филтер станица и на големи длабочини на 60 метри можеш да ги видиш секојдневно. Ако сакаш да ги видиш во текот на денот мора да одиш со техничко нуркање. И остануваш подолго. Доаѓаат до тебе и не се опасни“, ни раскажува нашата нуркачка.

Нејзина желба е следните длабочини до кои ќе допре да бидат поголеми од 102 метри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот