Најубавото македонско интервју некогаш направено

Интервју кое вреди да се прочита повеќепати.

На денешен ден, 1978 година во Скопје почина Спасе Куновски (25.09.1929 – 01.08.1978), еден од доајените на македонската современа ликовна уметност.

Енигма за егзистенцијата (1975)

Куновски е еден од водечките интелектуалци и модернисти по Втората светска војна, заслужен за современиот тек на државата, кој од Дебар, преку Охрид со семејството доаѓа во Скопје, каде што го завршува Средното уметничко училиште, се разбира, кај Мартиноски и Личеноски, а потоа оди во Загреб на студии, каде што дипломира во 1953 година, во класа на сега прочуени уметници, и кај едни од највлијателните професори за современата европска уметност како што е Хегедушиќ. Има многу студиски престои во Франција, Италија, Велика Британија, Шведска, во Грција, а, е еден од тогашните југословенски сликари кој ја претставува Југославија на најпрестижните ликовни манифестации во Сао Паоло, во Брисел, Романија, во Леверкузен. Наградуван е од сите страни, во Југославија и во светот, а живеел само 48 години (1929-1978).

Автопортрет со цигара (1975)

И годинава го читаме ова несекојдневно и навистина фантастично интервју помеѓу Славко Јаневски и Спасе Куновски, кое е предговор за каталогот за Уметничка галерија.

Разговор: Славко Јаневски и Спасе Куновски
Уметничка галерија, Скопје (20 мај – 5 јуни 1971)

Најпрвин…

ЈАНЕВСКИ: Јас сум веќе изморен да читам предговори кон каталози и изморен сум да ги пишувам. Сепак, кажи ми – зошто мислиш дека е поарно како увид во каталогов да биде нашиот разговор од ELLE – ОНА?
КУНОВСКИ: Сликарот, во такви прилики, го искажува својот став само со платната. Со веќе објавениот текст, мојот став се изнесува и низ изговорен збор. Затоа и настојувам да го објавам како увид нашиот разговор од ELLE – ONA. Зошто тие прашања, твои и мои, да не се, најпосле и еден водич низ оваа изложба и низ моето сликарство?

Минато (1961)

ELLE – ОНА (16 јули, 1971)

ЈАНЕВСКИ: Надреалист си. Сè уште мислам дека во овие загадочни амбиси на творење те влече убавината на ужасот.
КУНОВСКИ: Не ѝ се тргам на таа убавина. Напуштените куќи се черупки на осаменици. Од тие краишта сум. Тоа ме привлекува, ме растажува, ме доведува до очај. Осаменоста е убавина, но и ужас. Моите личности се осамени, начнати, изгубени.
ЈАНЕВСКИ: Таму кај што нема луѓе, и времето е мртво. Размислувам за тоа какви би биле Бош и Бројгел во современиот свет на атомски заканувања, на менаџерски разорувања на организмот и психата, на сите оние мали и големи војни.
КУНОВСКИ: Гротескноста на нивните слики би била иста, ужасот многу поголем.
ЈАНЕВСКИ: Врати се во нивното време, сликај.
КУНОВСКИ: И во тоа време ќе бев ист каков што сум сега, само со херои во подруги костими.

Портрет со чадор (1971)

ЈАНЕВСКИ: Повикан си на олимпијада на сликарството. Можеш да типуваш на оној човек со опавчиња од глувче над устата, на оној Дали. Не заборавај дека се таму и Брак, Пикасо, Шагал, Де Кирико.
КУНОВСКИ: Ги ставам на иста линија на целта. Еве сум и јас, и некои мои врсници зад нив. Би сакал да го почувствуваат нашиот ѕверски здив во тилот.
ЈАНЕВСКИ: Врсници има многу, големи сликари малку. Те ставам на проба: насликај портрет на атомска бомба, јас го сторив тоа во стиховите на „Евангелие по Итар Пејо“.
КУНОВСКИ: Не умеам да го објаснам она што ќе го насликам. Ќе го објаснам веќе тоа на платно со бои.
ЈАНЕВСКИ: Насликај го барем портретот на еден што живееше вчера или живее денес.
КУНОВСКИ: Ќе ги скицирам стиховите од твоето „Евангелие…“:
„Еден Македонец
Арен Македонец
Божи Македонец
Изел Македонец
Па не знае
дали е 1*1 Македонец
Или 2-1 Македонец.“

Портрет на окупаторот (1969)

ЈАНЕВСКИ: Што се однесува до современикот, јас го сакам. Ми пречи полтронството, чиновничката суровост, шупливите фрази, неработењето, лагата, глупоста. А тебе?
КУНОВСКИ: Прашањето со сите тие набројувања би го поставил и јас. Несфатливи ми се уметниците со сите тие (анти)квалитети.
ЈАНЕВСКИ: Еден гигант рекол дека грбавиот ќе го исправи само грбот. Сети се на онаа моја игра на поединец против една комисија која располага со парите за култура. Воопшто не знам дали нешто се изменило за нецела година.
КУНОВСКИ: Мене никој не ми поднесол сметка за тоа. И не ми треба. А тебе?
ЈАНЕВСКИ: Јас им поднесувам сметка на сплетките. Затоа не сликај го актот на бирократот. Би ме убила веста за твоето внимание.
КУНОВСКИ: Остани доследен на онаа твоја изјава: Уметникот се раѓа сам и умира сам. Му припаѓа на општеството, но живее сам.

Гозба (1953)

ЈАНЕВСКИ: Ги читам Библијата, Коранот, митовите, Достоевски, Фокнер, Витмен, Лорка, Андриќ, Давичо, Брем, пумарски прирачници, сè за билките и за животните. Речи ми чии слики гледаш.
КУНОВСКИ: Фреските по нашите манастири, Нерези, Марковиот, Нагоричани. И сликите на оние што ги споменавме во разговорот во врска со онаа олимпијада на сликарството, и оние што не ги споменавме.
ЈАНЕВСКИ: Но, да си се родел пред сите иконописци?
КУНОВСКИ: Тогаш што гледал пештерскиот човек, оној што сликал?
ЈАНЕВСКИ: Дали би основал ликовна академија на надреализмот?
КУНОВСКИ: Ако го сторам тоа, тогаш лорњорот и глувчешките опавченца ќе му останат сепак на Салвадор Дали. Меѓутоа зошто, чуму ѝ е школа на школа?
ЈАНЕВСКИ: Знам еден незнајко кој се плетка помеѓу слики и скулптури.
КУНОВСКИ: Умеењето на творењето со задоволство ќе се степа. Незнајковците само привидно го добиваат бојот. Често со полтронство и декрет – да биде тоа, да решава за тоа, да сопнува околу себе.
ЈАНЕВСКИ: Тресни го по десертот додека му е в гуша, ако не си превисок. Мене ми се потгрнува од патот.
КУНОВСКИ: Сепак, тој е сè уште силен. Еве ти ја сликата: расен бик под ногата на надуен жабок.
ЈАНЕВСКИ: Еве ти положба. Стори нешто за динарот на културата.
КУНОВСКИ: Ги кинам обрачите на монополизмот и му наоѓам вистинска намена. И ако тој динар, како што велиш ти, е наменет за културата, тогаш му ја враќам неговата вредност.
ЈАНЕВСКИ: Еве ти положба на волшебник. Направи го човекот среќен.
КУНОВСКИ: Ги бришам од животот злосторот, дискриминацијата, војните.

Грипозна ноќ (1958)

ЈАНЕВСКИ: Брзаш. Но, бездруго нема да ги заборавиш полтронството, кариеризмот, подметнувањето.
КУНОВСКИ: За среќата на човекот тоа би било премногу.
ЈАНЕВСКИ: Циникот од еден мој текст вели: „Утре сите ќе пишуваат, никој не ќе чита“. Утре сите ќе собираат слики. Не вреди да се пишува, не вреди да се слика?
КУНОВСКИ: Јас сепак ќе сликам. Друго ни умеам, ни сакам.
ЈАНЕВСКИ: Вчера не беше така?
КУНОВСКИ: Јас и вчера сликав. Друго не умеев и не сакав.
ЈАНЕВСКИ: А денес?
КУНОВСКИ: А зарем ти не пишуваш денес?
ЈАНЕВСКИ: Појдоа на месечината. Што ќе им го тоа?
КУНОВСКИ: Месечината не е свет на мистеријата. Не ме возбудува.
ЈАНЕВСКИ: Јас Ленина го сакав жив, не мумија. Би го вратил Владимир Илич во живот, Сервантеса, Балзака, Чехова, Ајнштајна, многумина… Дополни…
КУНОВСКИ: Гоја, Веласкез, Свифт, Толстој, многумина…
ЈАНЕВСКИ: Значи, твојот тип човек – опиши го.
КУНОВСКИ: Тип на достоинствен, креативен, човекољубив човек. И смел.
ЈАНЕВСКИ: А античовекот?
КУНОВСКИ: Оној што им пакости на средината, на прогресот, на иднината.
ЈАНЕВСКИ: Парите?
КУНОВСКИ: Без задоволство продавам слики.
ЈАНЕВСКИ: Ги пребројуваш банкнотите или ги избираш купувачите?
КУНОВСКИ: Второво. Сè поретко. Тешко се делам од сликите.

Ден после земјотресот (1963)

ЈАНЕВСКИ: Вели еден на еден англиски „Овде спокој најдов јас. Џими Хог (моите греови ќе ги прости Бог) (а јас би сакал да сум жив и бог)“, а бог да биде тој покоен Хог.
КУНОВСКИ: Напиши им епитаф на самоповиканите богови. Тоа можеш.
ЈАНЕВСКИ: Вели еден друг на руски дека на човекот сè треба да биде убаво – и облеката, и лицето и душата. Така некако. Прочитав дека хероината на татковинската војна, Зоја, го чувала тоа во својот нотес или дневник. Што да чува твојата ќеркичка во нотесот?
КУНОВСКИ: Сè за убавината на духот и телото.
ЈАНЕВСКИ: А нашата современичка?
КУНОВСКИ: А зарем Зоја Космодејанскаја не е наша современичка?
ЈАНЕВСКИ: Но, жената денес можеби е опседната од модата, од козметиката?
КУНОВСКИ: Тоа не ја ослободува од грижите и од обврските во секојдневниот живот.
ЈАНЕВСКИ: Се прават обиди, еден вид помодност во уметноста да се загрне со плаштот на модерното.
КУНОВСКИ: Зошто, пак, конзервативците да бидат подобри од помодарите?
ЈАНЕВСКИ: Иднината на сликарството од твојот тип?
КУНОВСКИ: Има мигови кога е претешко да се говори и за иднината на човештвото. Сепак – верувам.

Портрет на илузионист (1967)

П.С.
ЈАНЕВСКИ: Критичарите ликовни – како се некои од нив со здравјето, со умеењето?
КУНОВСКИ: Некои не се во состојба да го отфрлат плагијатот и аналфабетизмот. Поедини пишуваат според шемата на крстозборите.
ЈАНЕВСКИ: Знам и молчам засега. Еднаш ќе им ја споменам веќе, нивната т.н инвентивност, т.е. може и да не го сторам тоа. Што ним, на тие поединци им недостасува?
КУНОВСКИ: Критериум, познавање, вистински збор, подлабока смисла, професионална одговорност. Секогаш сè исто за сите зборуваат. Еден вид лажен хуманизам ги покрива и форсира таквите појави и во критиката, и во уметноста. А ете, се молчи.
ЈАНЕВСКИ: Се молчи. Но, таквите медиокритети се денес и во другите уметности малечки богови. Еден ден можеби малку ќе умрат, ќе си почекаме. Дотогаш нека се граба за монопол неспособноста во една општа монополијада.

Страшило (1971)
Логор (1960)
Старец (1977)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот