НАЈСТАРИТЕ СПОРТИСТИ НА СВЕТОТ: Годините се само бројка, па нека се и стотка

Од Навратилова до Марѕорати, од Ковалски до Синг, од Хау до Хајик, постојат спортисти што едноставно не сакаат да престанат

Активните професионални спортисти обичо рано одат во пензија, но има и исклучоци. Некои едноставно продолжуваат додека можат. Тоа може да биде долго….

Издвоивме неколкумина, кои и покрај одминатите години активно спортуваат, на ниво на кое тоа го прават многуте нивни многу помлади колеги, професионални спортисти.

Станислав Ковалски – Најстариот спортист на светот

Со своите 109 години Полјакот Ковалски е најстариот атлетичар, а веројатно и најстариот активен спортист на планетава. Тој се уште се натпреварува во спринт, кладиво и диск. На што се должи неговата долговечност и активост? Тој вели дека никогаш не оди на лекар и прави што сака. Тоа можеби не е најдобро мото за сите нас, но, кај него функционира.

Фауџа Синг – Стогодишник трчал маратон

Синг има 108 години и по националност е Сик. Тој стана првиот стогодишник кој истрчал маратон, кога го заврши маратонот во Торонто во 2011 година, со време 8:11:06 часа. Тој нема трчано на трка од 2013 година, но и денеска продолжува да пешачи по седум километри дневно.

Ида Килинг – Спринт со 100 години

Американката Килинг го инспирира светот кога во 2016 година стана првата жена која се натпреварувала на трка од 100 метри, на возраст од 100 години. Таа ја заврши трката со време од 1:33,17 минута, а публика од 44.469 луѓе и аплаудираше на митинг во Пенсилванија. Таа првпат почнала да трча на 69 години, што и помогнало да заздрави од болката, откако нејзините двајца синови биле убиени од криминалци во период од две години, во Њујорк.

Горди Хау – Играл хокеј низ шест декади

Хау беше канадски професионален хокејар, еден од најдобрите во светот на сите времиња. Од 1946 до 1980 година тој играше во 26 сезони во НХЛ лигата и шест сезони во ВХА лигата. Најпознат е во дресот на Детроит. На 52 години ја играше својата последна комплетна сезона. По 17 години од тој момент, тој се појави во дресот на Детроит вајперс во ИХЛ лигата, на 69 годишна возраст и настапи само на еден меч. Тој е единствен хокејар кој настапувал во шест декади.

Исак Хајик – Голман на 73 години

Минатата година израелскиот голман Исак Хајик изигра еден меч во дресот на Ирони Ор Јехуда и стана светски рекордер, односно најстариот човек кој изиграл професионален фудбалски меч. Тој имаше 73 години. Со тоа го надмина рекордот на Уругваецот Роберет Кармона за две децении. Хајик изигра цел меч и иако неговиот тим изгуби со 1-5, тој имаше неколку атрактивни одбрани.

Мартина Навратилова – Одбиваше да се пензионира

Мартина Навратилова играше професионален тенис до својата 49. година, што е импресивно, но уште поимпресивно е тоа што до крајот постигнуваше врвни спортски резултати. Во 2006 година, два месеци пред да наполни 50 години, Навратилова ја освои титулата во мешани двојки на грен-слем турнирот САД Опен. Со тоа стана најстарата личност (мажи и жени) која освоила грен-слем титула.

Пјерлуиџи Марѕорати – Камбек на 54 години

Винс Картер (42), кој е најстариот активен играч во НБА лигата ќе треба да игра уште долго за да го надмине Италијанецот Марѕорати. Тој е најстариот професионалец во кошарката на сите времиња. Марѕорати е еден од најдобрите кошаркари на сите времиња во Европа. Плејмејкерот играше за Канту од 1969 до 1991 година, а во 2006 година направи камбек на возраст од 54 години и изигра две минути против Бенетон. Тој настапувал и за аѕурите и тоа на 278 меча, постигнувајќи 2,209 поени. Има олимписки сребро од ЛОИ 1980 година.

Џим Арингтон – Прадедо бодибилдер

На возраст од 84 години Џим Арингтон влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстариот професионален бодибилдер во светот. Пензионерот кој некогаш се занимавал со продажба на мало и на големо, а живее во Венис, Калифорнија, кој е прадедо, учествувал на 62 натпревари во период од 70 години, а победил на 16 од нив.

Џорџ Бланда – Вечниот“ квотербек

Американскиот фудбал е еден од физички најнапорните спортови. Затоа просечната кариера на еден играч од американската НФЛ лига е само 3,3 години! Има и исклучоци, а најфрапантен е Џорџ Бланда. Тој во НФЛ лигата забележа кариера од над 25 години активно играње. Бланда играше на позициите квотербек и шутер. Се пензионира на возраст од 48 години. Официјано тој е најстариот активен играч во НФЛ историјата. Во свое време го држеше рекордот за најмногу постигнати поени (2.002). Се повлече во 1974 година по 26 сезони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот