Најстарата откриена тетоважа ја имал ледениот човек пред 5.200 години: Кратка историја на тетовирањето

Фото: Xinhua / Avalon / Profimedia

Дали знаевте дека луѓето се тетовираат најмалку 5.200 години. Ова е краток преглед на археолошките траги од мумиите кои ја откриваат историјата на тетоважите.

Тетоважите имаат древна и фасцинантна историја. Зборот „тетоважа“ е увезен во англискиот јазик благодарение на капетанот Џејмс Кук, кој ја забележал практиката во Полинезија во 18 век, а од таму и тахитскиот збор „татау“. Но, научниците се согласуваат дека оваа практика е многу постара од самиот збор, што е потврдено од остатоците од античките мумии, пишува српски „Нејшнал џеографик“.

Кои се овие мумии обоени со мастило и што можат да нѐ научат за древните култури?
Ова е краток преглед на некои од најинтригантните антички тетоважи кои археолозите ги пронашле на нив и она што тие ни кажуваат за античкиот свет.

Фото: Werner Forman / akg-images / Profimedia

Тетоважи во Античка Западна Европа
Најраните докази за тетовирање биле откриени на телото на Ледениот човек . Најпознатата мумија во Европа беше откриена од германски планинари на Алпите во 1991 година. Еци најстариот тетовиран човек живеел во Тирол, планински регион кој се граничи со денешна Италија и Швајцарија, пред околу 5.200 години, а откако умрел неговото тело и тетоважи биле зачувани од мраз и снег.

Тетоважи во древниот Египет
Следниот доказ за тетовирање доаѓа од мумиите за кои се верува дека умреле помеѓу 3351 и 3017 година п.н.е. во древниот Египет . Телата биле откриени во 1900 година, но дури во 2018 година истражувачите ги преиспитале со помош на инфрацрвена снимка и сфатиле дека она што изгледа како дамка на кожата е всушност уметност на телото. Тие се, исто така, најраните познати докази за тетоважи кои покажуваат фигурални претстави, вклучувајќи див бик и овца на раката на мажот, и симболи кои личат на буквата “S” и стап на женска рака и рамо.

Тетоважи во Америка
Се смета дека тетовирањето се практикувало низ Америка, од Арктичкиот круг до југ. Некогаш се сметаше дека мумијата која им припаѓала на народите Чинчоро ги има најстарите познати тетоважи, збир од црни точки како мустаќи под носот. Таа идеја оттогаш е отфрлена. Поновите истражувања открија дека човекот починал помеѓу 2563 и 1972 година п.н.е., па затоа не е постар од Еци. Сепак, причините за неговата тетоважа се во доменот на теориите на истражувачите, бидејќи тој е единствената позната мумија од неговата култура што ја има.

Фото: Avalon.red / Avalon / Profimedia

Тетоважи во Античка Источна Европа
Членовите на т.н Катакомбни култури во Источна Европа, од околу 2600 до 2400 п.н.е., исто така користеле тетоважи. Нивните мумифицирани останки, пронајдени во близина на Азовското Море во денешна Русија, откриваат дека тие носеле тетоважи направени од растителни бои на кои биле прикажани змии, за кои истражувачите веруваат дека се поврзани со „магични“ практики.
Тетоважи од животни биле пронајдени и на телата на припадниците на културата Пазирик, која се појавила за време на скитската доминација на денешна Русија помеѓу 6 и 2 век п.н.е.

Тетоважи во античка Азија
И покрај актуелната стигма околу тетовирањето во Кина, различни древни култури низ Азија ја прифатија оваа практика.
Во басенот Тарим, на пример, откривањето на мумифицирани тела од период кој датира помеѓу 2100 и 800 година п.н.е. укажува на распространетоста на тетоважите во различните култури на областа. Повеќето од овие тетоважи биле пронајдени на рацете на мумиите, но историчарката за тетоважи Светлана Панкова забележува дека неколку од нив биле откриени и на лицето.

Тетоважи во Океанија
И покрај тахитското потекло на зборот „тетоважа“, археолозите нашле релативно малку докази за тетовирање во регионот на античка Полинезија — топлата, влажна клима во тропските предели не е погодна за мумификација. Во 2019 година, истражувачите открија сет на алатки за тетовирање направени од човечка коска за која се смета дека датираат од пред околу 2.700 години, во денешна Тонга.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот