Најмладиот член на кавадаречката библиотека има само четири години, а последна книга што ја позајмил е „101 начин да ја спасиме Земјата”

Најмладиот член во кавадаречката библиотека има само четири години, а последна позајмена книга од него е „101 начин да ја спасиме Земјата”. Директорката на библиотеката, Весна Гркова рече за МИА дека највозрасниот член има 89 години.

– Библиотеката ,,Феткин” своите корени ги носи уште со формирањето на првото читалиште во 1870 година во Ваташа. По ослободувањето отпочнала со работа на 16 мај 1945 година, во склоп на гимназијата, а од 1953 година работи како самостојна установа. Од 1964 година добива свој простор во зградата на Домот на културата во централното градско подрачје, во кој се наоѓа и денес . Во текот на своето работење, низ годините, преку библиотеката имаат поминато многу генерации ученици како и сите останати категории граѓани : вработени, студенти, невработени и пензионери во општина Кавадарци, кои во текот на своето школување ги користеле услугите на оваа институција од културата, која придонесува за подигање на културното и образовното ниво на граѓаните, појасни Гркова.

Денес во библиотеката се зачленети 3185 возрасни членови и 3020 членови во оддел за деца ,од кои 2450 се активни членови.

– Се читаат сите жанрови на литература а најмногу белетристика и тоа трилери, драми, романси, историски и биографски дела. Додека децата и младите читаат најмногу лектири, обработки, бајки и најчитаната книга за млади ,,Хари Потер”, информираше директорката.

Таа нагласи дека по статистиките, во Кавадарци повеќе читаат женските, отколку машките лица.

– Интересно е дека читателите во библиотеката од најрана возраст доаѓаат и позајмуваат книги и тоа продолжува во текот на нивниот живот, за време на школување па и после завршување на школувањето. Некои членови со прекини се зачленуваат повторно, но има и такви кои без прекин се членови секоја година. Таков случај е Кузманова Маре, која редовно без прекин членува во библиотеката веќе 50 години. Иако лице со посебни потреби, од своето описменување до денес нејзината дружба со книгата е секојдневна. Со помош на своите родители позајмува и чита редовно најразлична литература, од класици до најновите изданија белетристика, соопшти Гркова.

Изминатата година запаметена најмногу поради корона кризата, беше карактеристична за библиотеката по тоа што за првпат се воведе карантин во работата на библиотеката.

– Карантинскиот период и периодот на изолација ја наметнаа зголемената потреба од читање на книги. Интересот за позајмување на книги се зголеми и книгата стана начин за квалитетно исполнето слободно време. Се воведе и карантин за вратените книги, кои отстојуваат во посебна просторија три дена каде има УВ ламба, се со цел безбедно да се позајмуваат на читателите после овој период, појасни директорката.

Членарината изнесува 200 денари и трае една година, а се плаќа пет денари за позајмена книга.

– Читателите имаат слободен пристап до книгите. Се набавуваат најновите изданија од сите издавачки куќи, освен на македонски, има и англиска литература. Во склоп на библиотеката се чуваат и делата на роднокрајните автори како и дневните весници Нова Македонија од 1947-2005 година. Исто така има и интернет катче кое може да се користи, додаде Гркова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот