Најмалку пет деца колабирале, ги фатила сончаница среде училница!?

Скопје, 01 септември 2021 / Слободен Печат. / Ристе Пејовски

Ученици во основни училишта во земјава колабирале на часови затоа што постојано се изложени на сончева светлина, бидејќи, според протоколите за заштита од ковид-19, прозорците во училниците мора да бидат отворени, се пожалија до „Слободен печат“ родители на ученици што имале вакво непријатно искуство.  

Родител во четвртокот бил принуден да си ја земе ќерката од основното училиште во кое учи, бидејќи се жалела на болки во стомакот, висока температура и нагон за повраќање.

– Морав да си ја земам ќерка ми бидејќи фати сончаница. Училницата каде што таа учи е поставена така што цело време внатре бие сонце. Тоа било решено со венецијанери, но сега поради протоколите, прозорците мора да бидат постојано отворени, така што на прозорците нема никаква заштита од сонце – вели родителот.

Тој вели дека не е само неговото дете што почувствувало такви последици.

– За два дена колабираа пет деца, првиот ден две, а вториот три, меѓу кои и моето. Сега можеби има уште. Децата креваат температура во жешката училница, а ние родителите исплашени ги тестираме од ковид-19. Тестот беше негативен и се докажа дека не е ковид туку истоштеност од топло. Во училницата, освен што е пекол, нема ни дистанца, децата седат во ужасни услови со часови. Тоа е проблем што школото не може да го реши, Министерството треба да се погрижи за условите – ни раскажа родителот.

Неодамна и народниот правобранител Насер Зибери реагираше дека дел од мерките предвидени со протоколите го загрозуваат здравјето и ги кршат правата на децата. Откако добил голем број претставки од родители, Народниот правобранител по своја иницијатива спроведе мониторинг на правото на децата на образование и потоа со допис до МОН укажа на пропустите во протоколите и во нивното спроведување. Министерството засега не одговорило на прашањето дали нешто ќе преземе по препораките од Народниот правобранител. Правобранителот Зибери го потсети Министерството за образование дека е должно да одговори на забелешките.

– Нашите укажувања се најдобронамерни. Народниот правобранител е апсолутно надлежен и за образованието и за заштитата на децата. Се разбира, не сме Комисија за заразни болести, но имаме право да даваме забелешки и препораки како образовниот процес да биде поквалитетен. МОН е должно да одговори на нашите забелешки и со аргументи да одговори ако тие се неточни – изјави Зибери.

Меѓу посочените проблеми од Народниот правобранител се и недостиг на хигиенски средства, училишта без вода за пиење, со септички јами во функција на тоалети, снабдување со електрична енергија, проблеми со електронските уреди за следење на наставата, квалитетот на интернетот и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот