Најмалку 83 мртви во племенските судири во Судан: Ранети 97 лица во тензиите меѓу Арапи и неарапско население

Фото: EPA-EFE/MOHAMMED ABU OBAID

Бројот на жртви во племенските конфликти во Судан се искачи на 83, а меѓу нив има и жени и деца, пренесе агенцијата Франс прес.

Во судирите кои започнаа во петокот меѓу Арапите и неарапите во суданската провинција Западен Дарфур, повредени се најмалку 97 лица, соопшти синдикатот на лекарите од Судан.

Судирите избија по тепачка меѓу две лица во кампот за раселување во Генејни, главниот град на Западен Дарфур. Тогаш, Арап бил убиен со нож, а потоа членовите на неговото семејство го нападнале неарапското население во кампот Криндинг и другите области.

Поради насилствата властите воведоа целодневен полициски час низ целата провинција Западен Дарфур.

Конфликтите во Западен Дарфур се голем предизвик за преодната суданска влада, која се обидува да стави крај на децениските немири во некои области, вклучувајќи го и Дарфур, каде што повеќето луѓе живеат во логори за раселени лица и бегалци.

Пред повеќе од една година, најмалку 54 лица беа убиени, а околу 40.000 беа раселени во судирите меѓу Арапите и неарапите во Западен Дарфур, од кои илјадници побегнаа во соседниот Чад. Судан е на неизвесен пат кон демократијата по народното востание во април 2019 година, со кое беше симнат од власт долгогодишниот автократски лидер Омар Ал-Башир.

Со земјата сега управува воено-цивилна влада, а изборите нема да се одржат пред  есента во 2022 година.

Најновото насилство избувна две недели откако Советот за безбедност на ООН го заврши мандатот на заедничката мировна мисија на таа светска организација и Африканската унија во регионот Дарфур, по притисокот од суданската преодна влада, Русија и некои африкански земји, пренесе агенцијата АП.

Дарфур сè уште е длабоко поделен од последиците од вооружениот бунт и неговото брутално сузбивање пред две децении. Во граѓанската војна во Дарфур загинаа повеќе од 300.000 луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот