Најмалку 13 жртви во напад врз училиште во Нигерија
Група вооружени лица нападнале училиште во североисточна Нигерија и убиле 13 лица, меѓу кои и еден ученик, јави информативниот портал „Дејлитраст”.
Напаѓачите вчера упаднале во средно училиште во градот Дамага, изјавија очевидци. Еден ученик бил убиен на самото место, а другите успеале да избегаат. Потоа, напаѓачите отвориле оган во градот и застрелале други 12 лица.
Властите во државата Замфара испратија полиција да ги лоцира и убие напаѓачите. Во државата се преземени мерки за зајакнување на безбедноста на училиштата.
Последните месеци во Нигерија стана вообичаена практика да се напаѓаат училишта и да се земаат ученици како заложници за откуп.
Минатата недела претседателот на Нигерија Мухамаду Бухари нареди да се зајакне безбедноста во сите училишта за да се спречат вакви инциденти. Во многу северни држави, гувернерите привремено затворија училишта кои немаат соодветен безбедносен систем.