Најголемиот вселенски телескоп подготвен да испише историја

Телескопот Џејмс Веб на НАСА/ Фото EPA-EFE/ESA/MANUEL PEDOUSSAUT

Најголемиот вселенски телескоп „Џејмс Веб“ денеска треба да биде лансиран од Француска Гвајана.

Вселенскиот телескоп на НАСА вреден 10 милијарди долари ќе биде лансиран на ракетата Аријане-5, јавува Би-Би-Си.

Беа потребни 30 години за да се дизајнира и изгради, а се смета за еден од најголемите научни потфати на 21 век.

Мисијата на „Џејмс Веб“ е да се надоврзе на откритијата на вселенскиот телескоп Хабл, кој по 31 година минати во орбитата е при негов крај.

„Џејмс Веб“ ќе може да гледа подлабоко во вселената. Целта е да се видат некои од првите ѕвезди и галаксии кои се формирале по формирањето на универзумот во голема експлозија, пред повеќе од 13,5 милијарди години.

Телескопот ќе може да ги испитува и атмосферите на далечните планети, со цел да се види дали има гасови кои би можеле да укажат на присуство на живот.

Во основата на новиот телескоп се наоѓа огледало широко 6,5 метри, покриено со злато, поврзано со четири инструменти со висока чувствителност.

Моќниот телескоп, кој користи инфрацрвена светлина, ќе биде најважната вселенска научна лабораторија во следната деценија, тврдат од НАСА.

Доколку се оди според планот, инструментот тежок 6.350 килограми ќе биде изваден од ракетата по 26-минутен лет во вселената.

Телескопот потоа ќе се пресели во својата соларна орбита на околу 1,6 милиони километри од Земјата во следниот месец. Неговата орбита околу Сонцето постојано ќе биде усогласена со Земјата, така што апаратот и нашата планета ќе се движат во тандем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот