Најголеми љубови: Љубовта на Халил Џубран и Меј Зијад, „Ми велиш дека се плашиш од љубовта? Но, зошто се плашиш?“

фото фејсбук

Поетот, философ и сликар Халил Џубран еднакво ги фасцинира со децении припадниците на западната и источната култура. Неговото полно име е Џубран Халил Џубран, бил роден во 1883, во семејство на христијани маронити во Бшари, северен Либан. Животот во сиромашни услови го ограничил неговото образование на честите посети кај свештеникот што го поучувал на сириски и арапски јазик. Надевајќи се на подобар живот во младоста се отселил во Америка, во Бостон, каде што полека зачекорил во бостонските литературни кругови. Но, успеал како сликар! Неговите скици се тие што го донеле во медиумите. Во Париз две години продолжил да студира уметност кај Огист Роден, кој најавил дека светот преку Џубран ќе го добие Вилијам Блејк на 20 век. Одушевен од побожноста, мистиката, Библијата, Заратустра, Конфучиј, Ниче, Руми, свети Августин…никому не му паднало ни на ум дека овој гениј, всушност, длабоко во срцето бил романтичен поет. И се разбира, никому не му паднало на ум дека тој мечтаел по една Меј Зијад. Прашање е и колку неговото најпознато дело „Пророкот“ не е дописки што тој ѝ ги испраќал на саканата Меј.

фото фејсбук

Ми велиш дека се плашиш од љубовта, но зошто се плашиш, малечка моја? се плашиш ли од сончевата светлина? Се плашиш ли од плимата? Се плашиш ли од зората? Се плашиш ли од доаѓањето на пролетта? Зошто тогаш се плашиш од љубовта?“
(Џубран до Меј Зијад, 26 февруари, 1924)

Инаку, и Меј Зијад била писателка. Таа и Џубран се допишувале околу 20-на години, поточно, до крајот на неговиот живот. Многу се сакале, но биле и добри пријатели, страсни љубовници, а никогаш не се виделе.

Нивните писма се објавени во книгата насловена „Син пламен“ и секое од писмата е своевидна поезија на душата. Љубовните писма на Халил, напишани за Меј, претставуваат единствени книжевни документи преведени на многу светски јазици.

Љубовта меѓу Халил и Меј била исклучителна и ретка љубов, која се создала и развивала преку необични книжевни дописки, духовна размена која споила две осамени срца. Исклучителна љубов, не само поради тоа што станува збор за двајца уметници, туку и поради својата чудесна убавина и неоспорна уметничка вредност.

Халил Џубран починал на 48-годишна возраст од рак на црниот дроб, во една болница во Њујорк.

фото Фејсбук

Еве едно делче од писмо на Меј Зијад испратени до Халил Џубран, кое е едно од најдлабоките во историјата на љубовните допишувања.

…Сонцето зајде зад хоризонтот, и зад облаците со чудни облици и бои се покажа една сјајна ѕвезда, Венера, божицата на љубовта. Живеат ли на неа, како на земјата, луѓе што сакаат и копнеат. Можда на неа живее некоја како јас, и си има некој Џубран, пријатен и драг, многу близок, кому сега му пишува додека мракот ја исполнува собата, и знае дека темнината доаѓа од смрачувањето, а дека светлината доаѓа од темнината. И колку пати денот ќе ја наследи ноќта пред да го види оној што го сака. И во неа се вовлекува целата тага на мракот, на ноќта. Го фрла своето перо за од тагата да се скрие во едно име: Џубран.
Меј Зијад, 15 јануари 1924.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот