Најголеми климатски промени во Македонија забележани во последниве 10 години, на удар земјоделството и стопанството

Најголеми климатски промени во државава се забележани во последниве 10 години, најзасегнати земјоделците и стопанствениците. Ова беше заклучено на денешната дискусија „Возможно е” во организација на Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP), Министерството за животна средина и просторно планирање и платформата Климатски Промени.

На дебатата присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, кој изјави дека клучна е заштитата на шумите бидејќи тие се белите дробови на државава.

 

-Потребно е да се заштитат нашите шуми. Треба да се пошумуваат пределите каде што се сечени дрвја за да се заштити биолошката разновидност, која е една од целите на процесот на пристапување кон ЕУ. Изминативе неколку години направивме голем напредок во делот на заштитата на подрачјата, прво да го нагласам прогласувањето на Осоговскиот планински венец за заштитено подрачје, тоа беше едно од првите прогласувања на заштитено подрачје, со децении немаше таков чин. Понатаму,  првото читање на законот за прогласување на Шара за национален парк во Собранието, за што остануваат само уште неколку недели до прогласувањето на Шара за национален парк. Водно може да го сметаме за бели дробови на Скопје, затоа во нашиот предлог од Влада е да го заштитиме Водно, односно да не се сече шумата и да не се урбанизира. Се ова е усогласено со нашите стратегија за климатските промени, колку повеќе зеленило имаме толку повеќе поголем придонес, заклучи министерот.

Според Аги Верес, заменичка на Регионалната директорка за Европа и Централна Азија, секој еден мора да направи напори за да се намалат климатските промени.

Дека климатските промени се видливи и во голема мера присутни,  потврди Нина Алексовска претставник од УХМР,  која рече дека ако пред осумдесеттите години топлотен бран имало само перидоично, од 1987 година, па се до денеска топлотниот бран е појава секоја година.

-Најчести климатски настани на територијата на нашата држава се појава на топли и ладни бранови, појава на денови со измерени максимални температури, како и денови со минимални температури под нулата, таречени ледени денови, појава на тропски ноќи….Покрај овие климатски настани поврзани со температурата, се забележува појава на денови со многу поројни врнежи, како и зголемување на сушните и врнежливи периоди. Во изминатите 70 години забележани се одредени трендови, така на пример забележн е тренд на намалување на мразните/ледените днеови и појавата на ладни бранови за разлика од тоа се јавува тренд на зголемување на летните денови, тропските ноќи, изјави Алексовска.

 

Додаде дека карактеристично за сите овие климатски настани е тоа што најголемите промени се случени во последните 10 години, последнава декада, што истакна таа,  е најтоплата откако постојат континуираните мерења на територијата на државава.

Ова според учесниците не е добра вест особено за земјоделството, бидејќи земјоделците управуваат со 50 отсто од земјиштето во нашата држава и користат 60 до 80 отсто од водите, предвиденото намалување на врнежите и повисоките температури, го зголемуваат ризикот не само на квалитетот на производите туку и опстанокот на самите земјоделци, и дека поради тоа е многу важно тие да се вклучат во овие политики за климатски промени.

 

Претседателка на Националната федерација на фармери Васка Мојсовска ја истакна загриженоста за производителите на храна, кои според неа, секоја година се соочуваат со огромни штети педизвикани од мраз, град и облини дождови.

-Ние фармерите, производителите на храна, сме најмногу на удар од климатските промени, и за жал последната декада имаме огромни проблеми при производството на храна предизвикани од климатските промени. На луѓето им е се потешко производството на храна во било која гранка, затоа треба да се превземат конкретни мерки, конкретни чекори, за да немаме преголема загуба, а со тоа и на финансии и на самите земјделци и на државниот буџет, предупреди Мојсовска.

 

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство,  Аријанит Хоџа пак напомена дека Министерството имало предвидено прилагодување на мерки предвидени за поедноствно прилагодување кон климатските промени.

Анита Коџоман,  координаторка на Програмата за животна средина и управување со ризици и кризи истакна дека се изработуваат нацрт стратегии за намалување на ризиците преку паралелна идентификација на ризиците од климатските промени. Потенцира дека не само институциите, туку и самите граѓани имаат важна улога.

Од друга страна за да се заштитат овие гранки, професорот Душко Мукаетов од Земјоделскиот институт од Скопје, рече дека потребен е голем сет на мерки, кои пред се треба да бидат едноставни за примена.

-Тоа не треба да бидат мерки кои ќе бараат големи технолошки знаења од страна на фармерите, треба да бидат конципирани да не одземата многу време, бидејќи и така нивната агенда е пренатрпана, тоа само може да ги одбие производителите од тие мерки, како и тоа да не бидат премногу скапи, а доколку се скапи да биде предвидена финансиска поддршка, тоа се основните параметри кога предлагаме мерки. Потребен е целосен и сеопфатен програм, потребна е теоретска обука, практична обука, како и материјална поддршка, заклучи Мукаетов.

Во рамките на настанот „ВозможноЕ” веќе се одржаа две панел дискусии, едната на тема „Националните придонеси за климатските промени во фокусот, да се постигне глобалната цел за климатски промени од 1,5 степени со амбициозна „КлиматскаАкцијаСега” која се одржа на 21-ви април и втората која се одржа на 27-ми април на тема „Зелено закрепнување,  да се вклучи приватниот сектор во активностите за справување со климатските промени”

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот