Најголемата европска економија под закана од деиндустријализација

Берлин/ Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Бизнис моделот на Германија е пред голем тест, соочувајќи се со рускиот гас и кинеските барања

Во книгата „Германија е нашиот проблем“ од 1945 на поранешниот американски министер за финансии, Хенри Моргентау, се дава предлог да се намали моќта на индустријата на повоената Германија и таа да се претвори во земјоделска економија. Иако неговиот радикален предлог имаше одредено влијание врз сојузничките планови за окупација на Германија по поразот на Хитлер, тој никогаш не беше спроведен, пишува Економист.

Речиси 80 години подоцна, рускиот претседател Владимир Путин може да постигне нешто што тогаш Моргентау го имал на ум, смета британскиот неделник. Многумина го обвинија Путин дека го користи природниот гас како оружје во војната против Украина, шт најмногу ја погоди Германија, која со месеци се обидува да ја намали нејзината зависност. Британскиот весник смета дека рускиот претседател има голема улога во судбината на четвртата најголема светска економија и третиот најголем извозник на стоки во светот.

На Берлин не му помага и фактот што, неговиот најголем трговски партнер, Кина, која лани купи стоки во вредност од 100 милијарди евра од Германија, вклучувајќи автомобили, медицински средства и хемикалии, се соочува со бројни економски проблеми, додава британскиот весник.

Затоа, како што пишува Економист, Германија е пред огромен економски тест.

Сериозни последици

Најголемиот проблем за германската индустрија е „спиралната“ цена на енергијата. Цената на струјата за следната година веќе е зголемена 15 пати, а онаа на гасот за десет пати, велат од Федерацијата на германските индустрии (БДИ). Во јули индустријата потрошила 21% помалку гас отколку во истиот месец лани. Тоа не е затоа што компаниите поефикасно ја користеа енергијата. Напротив, падот се должи на „драматичното“ намалување на производството.

Од јуни, Институтот за светска економија од Кил, ја намали својата прогноза за растот на БДП во 2022 година од 0,7 процентни поени, на 1,4%. Тие очекуват економијата да ослабне во 2023 година, а инфлацијата да се искачи до 8,7%.

Економист смета дека помалите фирми се најтешко погодени од оваа криза. Според едно истражување на Фти Андерш, се вели дека помалите компании се борат повеќе од поголемите. Според нивните податоци, речиси четвртина од фирмите со помалку од 1.000 вработени откажале или одбиле нарачки или планираат да го сторат тоа, во споредба со 11% од оние со повеќе од 1.000 вработени.

Криза на производителите на леб

Како земја со повеќе од 3.000 видови леб, околу 10.000 производители на овој основен прехранбен производ се борат како никогаш досега. Ним им треба струја и гас за да ги загреат рерните, како и за работа на машините за месење, земајќи ги предвид и повисоките трошоци за брашно, путер и шеќер.

Синџирот на пекари „Видеман“, кој 127 години е на германскиот пазар, соопшти дека фирмата има очајен недостаток на персонал и се обидува да заштеди енергија, на пример, со тоа што ќе ги одржува рерните ладни, а сите лебоди ќе ги испече во главната пекара.

Поголемите енергетски бизниси, како што се оние поврзани со хемикалии, се соочуваат со слична ситуација, влошена од потребата да се натпреваруваат со ривалите од другите земји, каде цената на енергијата е пониска. БАСФ, хемиски гигант кој го користи природниот гас за енергија, веќе го намали производството. Тисенкруп, голема компанија која произведува челик, соопшти дека од јануари изгубила половина од својата пазарна вредност.

Зголемената инфлација ја намали побарувачката

Повисоките трошоци стануваат се потешки за потрошувачите. Хакл, еден од најголемите производители на хартија, поднесе барање за несолвентност откако на клиентите не можеше да им го пренесе огромниот пораст на трошоците за производство.

По неколку тешки години, нарачките на производителите на автомобили се намалија, бидејќи инфлацијата претставува огромен удар за паричниците на граѓаните. Следните две или три години ќе бидат многу тешки, предвидува Фердинанд Дуденхофер од Центарот за истражување на автомобили.

Автомобилските компании не можат лесно да ги менуваат производните процеси. Задоцнетите напори на автомобилската индустрија да се замисли себеси во ерата на електрични и самоуправувачки автомобили најверојатно ќе претрпи неуспех како резултат на сите овие фактори. Некои компании најверојатно ќе го преселат производството во други земји, каде трошоците се пониски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот