Најголема атинска болница пред колапс – над 92 медицински работници заразени од ковид

Медицинско лице и пациент заразен со коронавирусот во Грција / Фото: EPA-EFE/YANNIS KOLESIDIS

Во најголемата болница во Атина, Евангелисмос, 92 члена на медицинскиот персонал биле позитивни на коронавирус изминативе денови и тие се ставени во самоизолација, додека посетите на пациентите се забранети, соопшти денеска управата на болницата.

Портпаролот на Евангелисмос, Анастасиос Григоропулос, за весникот Катимерини изјави дека сите здравствени работници се заразени со корона надвор од болницата.

Покрај тоа, Григоропулос објаснува дека многу пациенти кои се лекуваат во болница од други болести се заразени со корона за време на нивниот престој, што покажало тестирањето по неколку дена поминати во болница – бидејќи биле примени со негативен наод за ковид-19.

Тој додаде дека можно е да се заразени повеќе вработени, што би предизвикало уште поголеми проблеми во функционирањето на болницата.

Катимерини наведува, повикувајќи се на изјавата на шефот на Службата за јавно здравје, Теуклис Заутис, дека околу 70 отсто од заразените во пет грчки региони (Атика, Солун, Патра, Тесалија, Крит) се заразени со сојот омикрон.

Видео на денот