Најголем домашен работодавач не е ни „Алкалоид“ ни „Макпетрол“, туку е „Никоб“!

Четири странски компании, кои се дел од автомобилската индустрија – „Кромберг и Шуберт“, „Дрекслмајер“, „Адиент сеатинг“  и „Гентерм“ – се првите најголеми работодавачи во Македонија, а петтиот во друштвото на најголемите работодавачи е Агенцијата за обезбедување имот и лица „Никоб“. Ова значи дека од домашните компании најмногу вработува „Никоб“, повеќе од „Алкалоид“, од „Електродистрибуција – Скопје“, од „Макпетрол“…

Порталот Пари во соработка со платформата за бонитетни информации Бизнис-мрежа.мк, по листата на најголеми фирми според приходи, за која веќе пишувавме, ги објави и 100-те најголеми работодавачи во Македонија во 2019 година според бројот на вработени.

Според ова листа на топ-работодавачи, „Никоб“, како петти најголем работодавач во земјава, има дури 1.828 вработени. Од официјалната страница на „Никоб“ може да се разбере што работи таа „армија“ од обезбедувачи. Компанијата има повеќе од 1.000 вработени кои се ангажирани за физичко обезбедување и на овој начин се обезбедени повеќе од 300 објекти во Македонија. „Никоб“ на територијата на државата обезбедува повеќе од 22.000 објекти со патролно обезбедување, врши видеомониторинг со следење на повеќе од 2.000 компании, има центар за кеш услуги (собира, брои и дистрибуира пари) и врши транспорт на пари и вредности.

Но, како што може да се види од листата „100 најголеми“, компанијата за обезбедување не е меѓу 100-те најголеми компании според остварен вкупен приход.

Прв на листата на сите работодавачи во Македонија е германската компанија „Кромберг и Шуберт“, сместена во индустриската зона „Жабани“ во Битола. Оваа компанија во 2019 година имала 6.458 вработени. Интересно е што бројот на вработени сега е значително намален. Според податоците што ги добивме минатата недела од Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, во моментов во „Кромберг и Шуберт“ работат 5.028 работници.

Инаку, минатата година компанијата се наоѓала на четвртото место во државава според остварен вкупен приход, кој изнесувал 248 милиони евра и бил за 11,3 проценти поголем отколку во 2018 година.

Втора на листата најголеми работодавачи е исто така германска компанија, а тоа е „Дрекслмајер“ од Кавадарци, која во 2019 година имала 5.799 вработени. Оваа компанија не се најде на листата 100 најголеми компании според остварен приход.

Третото место, со 2.170 вработени, го држи американската компанија „Адиент сеатинг ДООЕЛ Штип“, која се издвои од „Џонсон контролс“ и како таква го продолжи производството на навлаки за автомобилски седишта што „Џонсон контролс“ го почна во Штип во 2014 година.

И четвртото место, во однос на бројот на вработени, е отстапено на американска компанија, а тоа е „Гентерм“, која произведува делови за автомобилската индустрија во Прилеп. Оваа компанија во 2019 година имала 1.944 вработени.

Втората петорка најголеми работодавачи во државава ја сочинуваат: „Макпетрол“ со 1.835 вработени во 2019 година, „Амфенол технолоџи“ со 1.782 вработени, „Електродистрибуција – Скопје“ со 1.702 вработени , „Адиент аутомотиве ДООЕЛ Струмица“ со 1.603 вработени и „Алкалоид“ со 1.588 вработени.

Најголемата по приходи е на 19-то место по вработени

Најголемата по вкупен приход е британската компанија „Џонсон мети“, која во Македонија е присутна од 2010 година. Таа во 2019 година реализирала вкупен приход од 1,9 милијарди евра. Овој износ е повеќе од половина од сите приходи што за една година влегуваат во државната каса!

„Џонсон мети“, пак, според листата на најголеми работодавачи, се наоѓа на 19-то место и во 2019 година имала 1.043 вработени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот