Најдолгиот февруари

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Колку што успеав да проверам, таква графа нема на ниту една друга лична карта низ Европа. Не сум правник, ама тешко може да се најде категорија почувствителна на дискриминација. Евентуално сексуална ориентација.

Кој вели дека јануари бил најдолгиот месец. Ете сме во најдолгиот февруари во историјата, кој нема да заврши сѐ додека не стигнат вакцините. А, Европа веќе длабоко загази во март според нивниот календар и со умот е дури до јуни, кога очекува вакцинирањето да приврши и да почне оној живот што едно време го нарекувавме нормален. Рака на срце, и европските месеци некако се оддолжија, очекувајќи ги платените, а сѐ уште непроизведени вакцини. Месеците се долги, а не преостанува многу време до летото, кое треба да биде еликсир за полесно варење на депресијата, стравот и отуѓеноста. Преодното решение, во овој момент, се нарекува ковид-пасош.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека правната рамка за функционирањето на овие вонредни легитимации ќе биде завршена во текот на март (според календарот на ЕУ). Унијата веќе има референтен пример – сертификатите за вакцинација што им ги даваат на Израелците кога ќе ја добијат ревакцината, кои отвораат врати на јавни објекти, резервираат маса во ресторан и се билет за патување. Европскиот ковид-пасош ќе отвори можност за прескокнување на строгите карантински протоколи што го блокираат пристапот до работните места или до дестинациите. Грција, која има голем интерес да ја спаси туристичката сезона дури и свесно прифаќајќи здравствен ризик, уште во февруари (според календарот на ЕУ) претстави дигитален сертификат за вакцинација за оние што добиле две дози од вакцините. Франција и Германија изразуваат загриженост дека таквото решение нема да биде фер и ќе ги дискриминира граѓаните што до лето нема да бидат опфатени со вакцинирањето. Оние од ЕУ.

Не се потценува ни опасноста од фалсификување на дигиталните пасоши, што не само што би поттикнало измами и нелегална трговија на црни пазари, туку и би било реална закана за неконтролирано ширење на заразата. И, конечно, како важен аргумент против сертификатите се наведува заштита на приватноста на податоците, кои здравствените установи би ги споделиле со производителите на сертификатите. Додека кај нас не заврши февруари, немаме причина да се оптоваруваме со вакви проблеми. Па си измислуваме свои. Ковид-пасошите се далеку, но во процедура е предлог за внесување на етничката припадност како основен податок на личните карти.

Се сеќавам на својата прва. Пластифицирана. Ја носев гордо со свои 14 години, една недела откако законски ми беше овозможено да ја добијам. Па едвај чекав во ситен час да ме запре полицаец и да грмне: „Лич-ни кар-ти!“. Со сериски и матичен број, анфас, име, презиме, место и датум на раѓање, адреса, печат и потпис. Ја имам видено и првата лична карта на татко ми. Хартиена. Покрај фотографијата и основните податоци имаше и описни редови. Нос – правилен. Очи – костенливи. Коса – костенлива (патем, боја што полека ја избришавме од речникот). Децата, пак, токму вчера ја зедоа својата втора. Пластична. Сѐ уште без етничка припадност. Колку што успеав да проверам, таква графа нема на ниту една друга лична карта низ Европа. Не сум правник, ама тешко може да се најде категорија почувствителна на дискриминација. Евентуално сексуална ориентација. Замислете ситуација на место на кое треба да се приложи лична карта некому да му биде одбиен пристап или услуга од најобјективни причини. Ајде после докажи дека не бил пуштен во ресторан или базен зашто навистина немало место, а не поради тоа што во личната карта му пишувало дека е Македонец, Албанец, Ром или Еским.

До пред некоја година Грците имаа запишано верска припадност, ама ја исфрлија поради дискриминаторски карактер. Наместо тоа, оставен е простор, незадолжително, да биде запишана крвната група. Е таква промена би прифатил.

Во не-дај-Боже ситуација на живот и смрт, личната карта во мојот џеб, онаква како што е предложена да изгледа, воопшто не би била од голема полза. Мене никако. Можеби само на службено лице за прецизен извештај: „… лицето М. Б. (51), Македонец од Скопје…“ А, краткото „О+“ или „алергичен на пеницилин!“ можеби би ми го спасило животот. Но, да не брзаме. Овој февруари крие многу чуда. И нема крај, по ѓаволите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот