Најдоцна од 10 ноември отворени граници без ПЦР-тест меѓу Македонија, Албанија и Србија

Премиерот Зоран Заев денеска одржа состанок преку видео конференциска врска со неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на кој е реафирмирана иницијативата за подобрување на напредната регионална соработка во рамки на Берлиснкиот пероцес, започната минатата година.

Премиерот Заев на Фејсбук напиша дека Кризата ја нагласи потребата од натамошно интензивирање на меѓусебната соработка и регионалната економска интеграција.

„Со претседателот Вучиќ и премиерот Рама, на денешниот онлајн состанок, се согласивме дека иницијативата за регионална соработка што минатата година ја започнавме, е целосно во согласност со Берлинскиот процес и добра основа за подготовка на земјите од Западен Балкан за претстојниот Самит во Софија, со кој копретседаваат Бугарија и Северна Македонија“, напиша премиерот.

После состанокот беше соопштено и дека поминувањето на границите без ПЦР-тест меѓу трите земји би стартувало најдоцна на 10 ноември, со оглед на тоа што, во меѓувреме, треба да се решат некои технички прашања.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, кабинетот на Вучиќ соопшти дека на средбата е констатирано оти иницијативата е целосно во согласност со Берлинскиот процес и дека претставува добра основа за претстојниот Самит на лидери на Западен Балкан, што ќе се одржи во Софија.

Активностите на иницијативата за подобрување на регионалната соработка беа одложени заради пандемијата КОВИД-19, како и заради изборите одржани во Северна Македонија и Србија.

– Тројцата лидери се согласија дека кризата дополнително ја истакна потребата од интензивирање на соработката и регионалната економска интеграција, потенцирајќи дека е исклучително важно за западнобалканската шесторка дополнително да се вклучи во подобрувањето на регионалната соработка и затоа ја повикаа Приштина да се приклучи на иницијативата, се наведува во соопштението.

Вучиќ по состанокот со Заев и Рама: Постигнат е договор за три точки

Поканата уследи по воспоставувањето на рамката дефинирана во Вашингтон во септември оваа година помеѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Авдулах Хоти.

Претседателот Вучиќ и премиерите Рама и Заев, се согласија да формираат постојана работна група што ќе вклучува официјални претставници на владите на секоја од земјите учеснички, со цел да се забрза процесот на потпишување и спроведување на договорените активности во рамките на иницијативата за подобрување на регионалната соработка, се додава во соопштението.

Учесниците на состанокот се согласиле дека оваа иницијатива може да се искористи и за идентификување на заеднички инфраструктурни проекти насочени кон развој на регионот, во согласност со Економско-инвестицискиот пакет на ЕУ за земјите од Западен Балкан.

Тројцата лидери изразиле надеж дека и владите на Црна Гора и Босна и Херцеговина наскоро ќе можат да се приклучат на оваа иницијатива, со што ќе се постигне подобра економска соработка меѓу сите земји во регионот, што ќе резултира со зголемување на слободите, трговската размена и подобрување на животниот стандард за сите луѓе регионот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот