Најдобрите остануваат во Јунајтед
Манчестер јунајтед направи неколку паметни потези со кои уште сега медиумите го прогласија за победник во летниот преоден рок во Англија. „Црвените ѓаволи“ го соборија светскиот рекорд за трансфер на дефанзивец, за 80 милиони фунти го донесоа Хари Мегваер од Лестер, а претходно нови играчи станаа младите Арон Ван-Бисака и Даниел Џејмс.
Но главната вест за навивачите ја соопшти менаџерот Оле Гунар Солскјер кој изјави дека Давид де Хеа се согласи да потпише нов договор со кој ќе стане најдоброплатен голман во светот. Шпанецот се согласи да потпише нов петгодишен договор со кој ќе заработува дури 21 милион евра по сезона.
Солскјер најверојатно во следната сезона ќе го има на располагање и Пол Погба бидејќи Реал Мадрид нема намера да плати 170 милиони евра колку што бара Манчестер јунајтед. Јувентус се откажа од Погба.
Сега медиумите во Англија, јавуваат дека управата на „црвените ѓаволи“ подготвува нов договор за Погба со кој би заработувал 450.000 евра неделно.
До крајот на преодниот рок, Солсјкер се надева дека ќе успее да ангажира уште двајца фудбалери, прв на листата е Бруно Фернандеш од Спортинг Лисабон. За Јунајтед е прифатлива сумата од 60 милиони евра која ја бараат португалците за да се откажат од својот најдобар фудбалер.