Најди време и – читај

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Не доаѓа сè уште лето, не грижете се. Доаѓа предизборен молк, време кога треба да ја испорачам оваа колумна, а Бранко Героски, уредникот на „Слободен печат“ држи до тоа – кога е предизборен молк – не коментираме политика и јас тие вредносни критериуми ги почитувам. Ако веќе е така, а така е, овој текст ќе го посветам на оние читатели што се вљубеници во книгата. Ќе ви нафрлам неколку наслови што задолжително треба да се прочитаат, сè со цел да не се оди „бос низ (политичко!) трње“. Односно, ќе ви препорачам книги за кои мора да најдете време и место.

Оние луѓе што книги не читаат или многу малку читаат (или „то што читају, криве ствари читају“, вели Џони Штулиќ), секогаш имаат згодни изговори за тоа, а најчестиот и вечен изговор е „немам време“.

За разни глупости време ќе се најде, ама за книги време се нема, некако секогаш тие ќе извисат… За среќа, јас сум доволно луд за да најдам време за книги. Сакам со тоа да проживеам милион животи и идентитети (за време на мојот физички живот). Имате сите слични примери од вашето секојдневие, сигурен сум, кои ви велат дека го прочитале Ниче, Шопенхауер и Кант? Секогаш се прашував, зошто по ѓаволите, тоа не се гледа на нив?

Вежба против закржлавеност

Познавам исто така и луѓе што велат, „ако многу читаш, можеш и да збрлавиш“. Уште еден глупав аргумент на нашата „просветена раја“: напротив, на духот му е потребна константна вежба за да не закржлави, на ист начин како што на телото му треба вежба за да не закржлави.

За оваа сабота ги добивате моите „топ 5“ фаворити. Не, не се работи ниту за „лесни“ ниту за „тешки“ книги – книгите не се сумо борачи за ние да ја мериме нивната тежина и да ги класифицираме во категории – туку книгите ги класифицираме на оние кои се добри и оние кои се важни.

Умберто Еко: „Нулти број“

Светската книжевност остана без стариот и добар луциден професор, а неговиот „тестаментарен“ роман зборува за тоа како и зошто пропадна новинарството: го уби површноста и поевтинувањето, заразни болести што не му простуваат никому што ќе го допрат. Меланхолично, а брилијантно збогување со светот на еден шармантен професор, кој во својата педесетта година стана „млад писател“ со романот „Името на розата“.

Оја Бојдер: „Изгубениот збор“

Роман за современата Турција измеѓу Европа и Азија, верата и секуларизмот, патријахалноста и сексуалните слободи, космополитизмот на метрополата и тегобната затвореност на паланката, помеѓу елитата и плебсот, Турците и Курдите… Ама и за тешкиот и непремостлив јаз помеѓу мажот и жената, нивниот син кој тргнува на пат за да ги оствари високите „класни амбиции“ на своите родители. Промислено и паметно, се проповеда „на раат“, со турско кафе и „рахат“ локум.

Јон Собрино: „Надвор од сиромаштијата спасение нема“

Собрино е еден од најважните мислители на теологијата на ослободувањето. Во 2007 година Конгрегацијата за вера објави предупредување според кое неговата теологија „може да претставува опасност за верниците“, а скратена му е можноста да предава во католичките училишта. Собриновата радикална книга го содржи она што го бараат многу современи мислители од левицата – начин да се помират еманципаторските политики и христијанската догма.

Треба да се чита

Јакоб Таубес: „Политичката теологија на Свети Павле“

Карл Шмит беше еден од најголемите теоретичари на правото во 20 век. Покрај тоа што беше и човек што за потребите на Третиот рајх правно го дефинира одговорот на прашањето: „Кој е Евреин“? Што во превод значи: кој е тој што ќе биде убиен во холокаустот. Јакоб Таубес беше голем мислител и почитувач на Карл Шмит, ова е, меѓу другото, книга за тоа како и зошто, според Таубесовиот суд, Карл Шмит погрешно ја разбрал политичката теологија на Свети Павле.

В. Г. Зебалд: „Кон природата“

Голема поезија на големиот, прерано починат прозен писател, од чии романи го издвојувам „Аустерлиц“.

Мишел Уелбек: „Покорување“

Уелбек е фашист, женомразец и исламофоб? Ништо од ова не е точно; со овие атрибути само сака да кокетира, дури би се рекло дека трајно се забавува со човечката површност. А „покорување“ не е книга за „опасноста од исламот“, туку, напротив, станува збор за современиот маж, кој под извесни услови прифаќа да биде исламизиран – кој не би сакал легално да има четири жени? И останати други свински машки привилегии. Е, заради тоа оваа книга е напишана: за глупавата и поткуплива машка свиња. Сè друго во овој роман е обична „кореографска“ нарација на авторот.

Како ви се чини, треба ли да се читаат книги? Бранко Кукиќ, главниот и одговорен уредник на списанието „Градац“ од Чачак, еднаш во едно интервју рече приближно вака (цитирам според сеќавање): „Јас не мислам дека секој човек треба да чита добри и важни книги“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот