Најцрниот ден во фудбалската историја: Поништен гол однесе во смрт дури 328 човечки животи (ВИДЕО)

профимедиа

На 24. мај 1964 година во Лима играа Перу и Аргентина, а настаните во самиот финиш на средбата и потоа дотогаш не беа видени на еден фудбалски натпревар.

За познавачите на фудбалската историја тоа беше „Хилсборо пред Хилсборо“ и „Хејсел пред Хејсел“, тоа беше стадионот на смртта. Причина за тоа е што фудбалскиот свет доготаш и до денешен ден не видел такви хаотични сцени, толку насилство и ужас на еден натпревар.

На 24. мај 1964 година на стадионот „Насионал“ во Лима во нередите на натпреварот помеѓу Перу и Аргентина (прекинат во 85. минута) животот го загубија 328 луѓе, најчесто како последица од губење на воздух, а и до денеска се верува дека бројката е поголема бидејќи во официјалната статистика на загинати на стадионот, не е заведен и бројот на починати надвор него во жестоките пресметки со полицијата која тогаш пукаше со боево оружје во луѓето.

Официјалната бројка на повредени е околу 500, но за многумина вистинската бројка на повредени е околу 4.000.

принтскрин

Перу и Аргентина на „Насионал“ стадионот играа за пласман на Олимписките игри во Токио кои се одржаа истата година, победа или нерешен резултат му одговараа на Перу бидејќи така ќе беа во подобра позиција од „гаучосите“ во пресрет на последното коло.

Фудбалерите на Перу зад себе имаа 53.000 навивачи кои се надеваа ќе бидат сведоци на уште една голема победа на нивната репрезентација иако Аргентина до тој натпревар имаше максимален скор, четири победи во четири натпревари. Перу пак имаше две победи и едно реми и одлични шанси за освојување на едно од првите три места на табелата кои носеа пласман на Олимписките игри во Токио.

Репрезентатиција на Перу ја сочинуваа претежно аматерски фудбалери од клубовите од Лима, а натпреварот против Аргентина претставуваше деби за дури девет играчли.

Еден од актерите на тој натпревар беше и легендарниот перуански фудбалер Хектор Чумпитаз кој имаше преку 100 настапи за репрезентацијата и учествуваше на две СП (1970 и 1978), кој добро се сеќава на сите детали од натпреварот, водството на Аргентина, поништениот гол на Перу и упадот на навивачите.

– Иако игравме добро, Аргентина поведе. Потоа напаѓавме, а тие се бранеа и таква беше играта се до акцијата на пет минути до крајот во која нивниот дефанзивец се обиде да ја избие топката, а нашиот напаѓач Кило Лобатон ја подигна ногата за да го блкокира шутот и топката се одби во нивниот гол. Меѓутоа судијата досуди прекршок и го поништи голот. Тоа ги разбесни навивачите на трибините – се потсетува Чумпитаз на акцијата која го предизвика хаосот.

Судија на тој натпревар беше Уругваерцот Анхел Едуардо Пазос, а многумина сметаа дека непризнавањето на голот беше реваншизам поради поразот на неговата репрезентација од Перу во претходното коло. Публиката негодуваше поради ваквата одлука по што беше прашање на време кога работите ќе ескалираат.

На теренот влета Виктор Васкез кој во тоа време беше познат под прекарот „El Negro Bomba“ (Црна бомба) и неговиот упад беше поздравен од целиот стадион. Тој се обидуваше да дојде до судијата и да го нокоаутира, но беше спречен во неговата намера. По него на теренот влета уште еден навивач, Херман Аројо Куенла кого полицијата одлучи да го казни за неговиот упад бидејќи немаше храброст да го стори истото со локалниот криминалец.
Сликите од бруталната реакција на 10-тина полицајци како го тепаа Куенка предизвика револт кај гневните навивачи на трибините.

– Полицијата ги пушти дури и кучињата да му ја откинат облеката на Куенка. Луѓето беа вознемирени од начинот на кој полиицијата се однесуваше со него. Не знаеме што ќе се случеше доколку мирно го извадеа од теренот – зборува Чумпитаз, додека зборовите на Хозе Салас кој од трибините го следеше натпреварот ја открива причината за реакцијата на публиката.

– Нашите полицајци го тепаа како да е непријател. Го изнесоа од теренот и тиа сите ние кои бевме на трибините не разбесни.

Само неколку моменти потоа, од гневните навивачи беа лансирани разни проектили од тврди предмети кон полицијата, а веќе се повеќе навивачи се обидуваа да влетаат на теренот.

– Ние петтмина се спуштиме по скалите да излеземе на улицата како и многу други но вратата беше затворена. Се свртевме и почнавме да се враќаме на трибината, а тогаш полицијата почна да фрла солзавец. Во тие моменти, луѓето од трибината почнаа да трчаат во тунелот за да избегаат.

Токму на трибината каде бил Салас биле фрлени највеќе солзавци и тоа благодарение на среќата останал жив. Дури два часа поминал во „човечки глечер“ на скалите.

Додека дел од навивачите од другите трибини успеале да излезат од стадионот и да ги отворат вратите, дел останал на трибините и започнале борба со полицијата.

– Откако сите фудбалери и нашите и Аргетинците стигнавме во соблекувалните, некои излегоа надвор и кога се вратија ни рекоа дека има само двајца мртви. Не верувавме што се случува, но цели два часа седевме во соблекувалната и не знаевме ништо за нередитер. Кога се враќавме во тренинг кампот на радио слушавме дека има 10,20,30 починати. Секој пат кога ќе почнеа вестите бројката се зголемуваше, 50, 150, 200, 300, 350 починати... – раскажува Чумпитаз.

Официјалниот извештај гласеше 328 загинати на самиот стадион, но многумина веруваат дека таа бројка е далеку поголема бидејќи полицијата со вистинска боева муниција пукаше во навивачите надвор од стадионот. Судијата кој го водеше случајот, Бенхамин Кастанеда, наводно, никогаш не успеал да ги пронајде застреланите тела за да се докаже тврдењето на преживеаните сведоци.

 

Во наредните месеци следеа обвинувања на релација судија Кастанеда – Влада на Перу која вината за хаосот ја префрлаше на „револуционерните елементи“ во тоа време.

На крајот командантот на полицијата, Хорхе Азамбуха, кој ја издаде наредбата да се фрли солзавец е осуден на 30 месеци затворска казна, додека судијата Кастанеда е казнет поради шестмесечното доцнење со поднеснувањето извештај и бидејќи не присуствувал на сите 328 обдукции.

Епилогот од катастрофата е убедлив пораз на Перу во последното коло од Бразил (0:4) и неодење на ЛОИ во Токио.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот