НАЈАВУВАНА КАКО ЕЛИТНА НАСЕЛБА: Хиподром 2 не се гледа од високата трева (ФОТО)

хиподром нова населба
Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Во новата населба Хиподром 2, во општина Гази Баба има израснато трева повисока од луѓето кои живеат таму. Иако првите договори со купувачите на парцелите беа склучени уште во 2012 година, градежните зафати за обезбедување основни услови за живот, според граѓаните, многу споро се одвиваат, некои се жалат дека и покрај изградените куќи не можат да се вселат затоа што ги немаат основните услови за живот.

Неасфалтирани улици, кои при најмал дожд се претвораат во непроодни селски патчиња, неуредено земјиште, и неискосена трева од која демне опасност е сликата за долго најавуваната населба која требаше да биде планска и елитна.

Зошто населбата се наоѓа во лоша состојба, одговор побаравме од градоначалникот Борис Георгиевски, кој вели дека, иако првите договори за изградба на куќи и продажба на парцели се склучени уште во 2002 година, претходното раководство многу малку направило во однос на обезбедување соодветни улови за живот.

– Општината минатата година потпиша договор за изградба на водоводна и канализациона мрежа во новата скопска населба Хиподром 2 и овој зафат претставува продолжение на изведената инфраструктура во оваа нова населба. Пред тоа работевме на изградба на примарната водоводна мрежа во должина од 800 метри, атмосферската канализација во должина од 1,2 километри и фекалната канализација од околу 1 километар. Сега веќе мрежата е во функција и граѓаните можат да се приклучуваат на водоводната и канализационата мрежа, и со тоа да заборават на употребата на септичките јами – вели Георгиевски.

Главната цел на локалната самоуправа е да се овозможат сите предуслови за нормален живот на идните жители од населбата Хиподром 2, како и на оние кои веќе живеат тука, додава градоначалникот при тоа потенцирајќи дека веќе се направени и дополнителни две автобуски постојки за новите жители, а во план е и да се работи на внатрешното уредување во населбата.

Урбанистичката документација за овој дел од Скопје предвидува изградба на 300 нови куќи за индивидуално домување и 12 станбени згради за колективно домување, а досега се изградени 2 згради, се делумно населени.

Во населбата е предвидено да се изгради и основно училиште, градинка, амбуланта и спортски објекти.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот