Најавени законски измени за поголема заштита на правата на туристите

фото: МИА

Осигурителни полиси за туристички аранжмани за брзо обесштетување на граѓаните доколку не ја добијат услугата, банкарска гаранција за туристичките агенции во висина од едногодишните приходи, туристичка инспекција за аранжманите преку интернет, заострени критериуми за категоризација на објектите.

Тоа се дел од предлозите во нацрт измените на законите за туристичка и угостителска дејност со коишто Министерството за економија најавува поголема заштита на туристите и уредување на состојбите во туристичката дејност.

– Се предвидува да се промени начинот на  лиценцирање, ќе има разлика меѓу лиценцирањето на  туристичките агенции и туроператорите, ќе се воведе  осигурителна полиса за аранжаните со цел на граѓаните да им обезбедиме поголема сигурност кога ќе купуваат аранжмани во странство, а истовремено и странските туристи во државава, изјави ресорниот министер Крешник Бектеши по денешниот работен состанок  со претставници на туристичкото стопанство, на државните инспекции и на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

За да им излеземе во пресрет на нашите граѓани кои купуваат аранжмани надвор од државата, додаде Бектеши, побрзо може да се активира осигурителената полиса отколку банкарската гаранција. Банкарската гаранција можеме да ја активираме ние како Министерство за економија, а осигурителната компанија може веднаш да им излезе во пресрет. Дадовме предлог колку што бле приходите во претходната година толку да биде и банкарската гаранија, зависно од бројот на аранжманите на туристичките агенции и туроператорите.

Се предвидува и туристичка инспекција, а со оглед на препораките од Европската комисија да се намалат инспекторатите ќе направи одделение во рамки на Државниот пазарен инспекторат. – Ќе почнеме со обуки и тренинзи на нови инспектори кои ќе се занимаваат и ќе бидат  подготвени да прават контроли само во оваа дејност. На тој начин ќе ги контролираме туристичките агенции, хотелиерите и другите субјекти поврзани со оваа дејност дали ги исполнуваат условите што ќе бидат наведени во новите решенија, рече Бектеши.

Новите инспектори, како што поајсни, ќе ги проверуваат веб сајтовите за аранжамани. Со сегашното законско решение  инспекторите не можат да влезат во приватни станови и згради, што се издаваат преку сајтови како „Букинг”.

Според него, стандардите за категоризација ќе бидат повисоки. Веќе е подготвен и Правилник врз основа на којшто ќе се прави категоризацијата на хотелите, рестораните, пицериите, гостилниците. Се предлага во категоризацијата да влезат и рестораните што организираат свадби и тие што нудат кетеринг услуги, но тоа ќе се анализира дополнително. Ќе се предложи категоризацијата да се обновува на секои три или четири години.

Нацрт -законите за една  недела ќе бидат поставени на веб страницата на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) каде ќе може да се остават коментари во тек на 20 дена, по што се планира да биде усвоен од Владата на крај на следниот месец и да се достави до Собранието.

Бектеши не очекува предупредувањата  од УНЕСКО за губење на стаусот на заштитено подрачје за Охридскиот регион да влијае на намалување на бројот на туристи.  – Не верувам дека ќе влијае, како  Влада донесовме мораториум и верувам дека во текот на јуни УНЕСКО ќе потврди дека Охридското крајбрежје ќе остане во делот на заштита. Аранжаманите се веќе букирани и очекуваме бројот на туристи да расте во континуитет како во измиантите месеци, рече Бектеши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот