Најавен бунт против безизлезот од двопартискиот логор

На македонската политичка сцена во моментов има потреба, простор и има услови за формирање нови партии, бидејќи голем дел од гласачкото тело во земјава е незадоволно од актуелната политичка конфигурација на теренот. Не го гледа очекуваниот, задоволителен излез од кризата ниту во владејачката гарнитура, ниту во опозицијата.

Ова го тврдат политичките аналитичари и објаснуваат дека повеќе од нужно е формирањето трета политичка опција која сериозно ќе им се спротивстави на „гигантите“ СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои веќе 28 години постојано си ги менуваат улогите.

Сепак, додаваат експертите, иако сето тоа звучи примамливо, не е едноставно да се изведе. Судејќи по искуството од минатото, велат тие, проблемот на секоја нова политичка опција е во нејзината кревкост, а со тоа и во нејзината трајност. Аналитичарите посочуваат дека големите партии така го скроиле изборниот систем за ним да им оди во прилог, а да им отежнува на новите или на помалите партии.

Големите партии никогаш не биле благонаклонети кон раѓањето на нови политички субјекти, но од друга страна, велат тие, сега Македонија е под силен меѓународен мониторинг што може да им олесни на новите и на помалите партии да се пробијат на политичката сцена.

На ваквите проблеми ќе им се стави крај, додаваат аналитичарите, доколку се направат измени во избирачкиот модел, односно ако шесте избирачки единици се сведат на само една. Како што се зборува во политичките кругови, на повидок се веќе неколку нови политички партии кои наскоро ќе го официјализираат своето постоење, ќе ја претстават својата политичка програма и ќе се обидат да ги „зграбат“ оние гласачи кои се подеднакво разочарани и од власта и од опозицијата.

Стабилност наспроти цунами

 

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека политичката сцена во Македонија е сè уште статична, односно дека сè се врти околу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

– Многу тешко е да се појави трета партија која ќе може да им пркоси на двете најголеми политички партии во земјава. Прво, на големите партии не им одговара да постојат трети партии, па со самото тоа што новите ќе се засилат, големите веднаш им го преземаат кадарот. Па така, членството на новите партии со текот на времето се враќа во овие две големи партии. Второ, откако малите партии ќе забележат позначаен изборен успех, тие немаат фокус и капацитет за да ја зајакнат својата општинска структура, а тоа е главен предуслов за да се задржат подолго на политичката сцена. И трето, општеството ни е поделено во крајни граници, па ако човек не е за СДСМ, тогаш е за ВМРО-ДПМНЕ, и обратно. Таа општествена биполарност практично не им дава шанса на помалите партии – објаснува Арсовски.

Тој додава дека ако се погледнат рејтинзите на политичките партии во моментов, тогаш ќе се забележи дека сега е одлично време за создавање трета опција.

– Граѓаните се незадоволни и од двете најголеми партии, има многу неопределени гласачи, а тоа е доволен показател дека овој период е најподобен за раѓање нова сериозна партија. Но, пак ќе кажам, потребна е стабилна опција која ќе може подолго време да се задржи на сцената, а не само да помине како цунами и потоа да исчезне засекогаш – вели Арсовски.

Поранешниот пратеник Насер Зибери вели дека трета алтернатива во Македонија многу тешко може да се форсира од причина што двете постојани политички субјекти – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – ја контролираат во целост политичката сцена во земјава.

– Структурата на владејачката СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е многу активна во смисла на запазување на движењата лево и десно или евентуалното мигрирање во трет политички субјект. Голем проблем е и фактот што политичките партии делуваат како субјекти во сите пори на животот. Тие ги контролираат вработувањата, напредувањата, процесите, образованието, па и информатичкиот простор. Таквото делување не им дава простор на граѓаните послободно да делуваат и да се обидат да ја променат состојбата преку трет субјект. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ постојано им висат над главите на сите полнолетни граѓани во Македонија, па така автоматски се создава страв кај граѓаните да изберат трета опција – објаснува Зибери.

Нови опции на повидок

 

Во ноември годинава, на политичката сцена најавено е дека ќе се појави нова партија со име „Твоја партија“ предводена од адвокатот Александар Тортевски. Тој истакна дека партиската платформа ќе биде нешто спектакуларно во Македонија и сосема различна од постојните партии. Во изјава за „Слободен печат“, Тортевски вели дека не се плаши од ударите што ќе му ги упатуваат големите партии, но се надева дека тие удари нема да бидат под појасот.

– Во секоја политичка партија, па и во оние новите како што е мојата, голема улога играат енергиите на луѓето што ќе бидат дел од раководството. Треба да се создаде тим составен од луѓе кои си веруваат. Секако, многу мала е целната група на која може некоја трета опција да се обраќа, меѓутоа постои реална можност да се придобие еден значаен дел од гласачите. Партијата мора да биде крајно сериозна и луѓето да стекнат доверба во неа. Во секој случај, јас не би формирал партија ако мислам дека влегувам во изгубена битка. Сите ме предупредуваат дека треба да очекувам сопки од двете најголеми партии, но јас сум решен да влезам во рингот и машки да ги издржам сите удари. Само се надевам дека ударите нема да бидат под појас – вели Тортевски.

И поранешниот заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, познат и како еден од иницијаторите за реформи во партијата, Петар Богојески, неодамна објави колумна во која повика на македонски општествен договор наречен „Македонски концепт“. Станува збор за политичка платформа која инсистира на обединување на опозицијата, а постои можност во иднина таа да се трансформира во политичка партија. Во интервју за Дојче веле, Богојески објаснува дека станува збор за збир на политички активисти со различна етничка, национална и политичка определба, но обединети околу идејата за заедничка проспертитетна иднина.

– Секоја криза е шанса за нов почеток, нова енергија. Кризата во која се наоѓа Македонија нужно го отвара прашањето – како понатаму без опозиција? Мој став е дека голем дел од моменталните „лидери“ на опозицијата се под контрола на Зоран Заев. Такви луѓе нему му одговараат да бидат опозициски лидери, како на пример лица со повеќе од две кривични пријави, а со тоа ранливи и лесна цел на власта. Демократијата е нефункционална без вистинска опозиција. Потребна е понуда во таа насока. Македонскиот концепт, како платформа или политичка програма е всушност понуда за опозициско обединување и дејствување, наспроти владејачката коалиција. Отворена за поединци, организации, партии… На граѓаните им е потребна реална опозициска понуда, која ќе биде вистинска алтернатива на власта и ќе овозможи политички промени во државата – вели Богојески.

Тој додава дека неговата платформа очекува да го симне премиерот Зоран Заев од власт, но во исто време да спречи враќање на власта во рацете на Никола Груевски, Сашо Мијалков, Мартин Протуѓер и Јордан Камчев.

Не може секој да си дозволи партија

 

Политичките аналитичари објаснуваат дека постојат низа пречки за помалите партии и граѓанските листи да учествуваат на избори. За да се регистрира политичка партија, велат тие, потребни се 1.000 потписи, а граѓанска листа мора да собере 1.000 потписи само во една изборна единица, со што тие се во понеповолна ситуација од партиите. Во однос на партиите, експертите посочуваат дека за регистрација се потребни околу 5.000 евра, во кои се вклучени и уверенија за државјанство на членовите на партијата. Како што објаснуваат, воопшто нема потреба од такво нешто, бидејќи со увид во избирачкиот список може да се види дали некој е државјанин, па на тој начин автоматски им се дава предност на тие што имаат пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот