НАЈ – игри за модерно Скопје

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

И после сите биле загрижени за Скопје и за неговите граѓани. Загрижени се единствено за своите интереси и за „замајување на народот“. А на народот му е преку глава од сѐ.

Да ми речеше некој пред некоја година дека највозбудлив дел од мојата работа ќе станат седниците на градскиот Совет, немаше да поверувам. Во ниеден случај. Работата на Советот се сведуваше на она што му е задача, да усвојува одлуки и проекти што треба да го подобрат животот на скопјани од сите аспекти. Однапред се знаеше кој како ќе гласа, дека сите одлуки ќе поминат доколку градоначалникот ја има поддршката од мнозинството, закачките меѓу двете вечно контрирани партии си беа редовни, понекогаш и градоначалниците ќе се истакнеа со некоја досетка. И главно тоа беше тоа. Многупати досадно и многу предвидливо.

Е, ама сега не е така. Сега секоја нова седница е ново изненадување, што е право, често непријатно. Секое заседавање е како да гледаш возбудлив трилер, неизвесно до крај, нервите оптегнати на „најтенко“, а срцето со забрзан ритам. Само чекаш дали сето ќе остане на вербална расправија или… Навистина, ако некому му недостасува возбуда во животот, нека си гледа седници на Советот на Град Скопје, онлајн ги даваат.

А сѐ си беше во ред додека градоначалничката Данела Арсовска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ си беа другарчиња. Одлуките експресно поминуваа, Арсовска беше најменаџерката, најдомаќинката, најзагрижената за интересот на граѓаните и сѐ друго НАЈ, НАЈ, што некогаш го имал овој град. И тогаш се случија „рачињата во медот“ и праќањето пораки до „шпицниот“ градоначалник . Пукна „тиквата“. Не само што пукна, туку се распрска на сите страни. Од полна уста со пофалби, одеднаш градоначалничката стана сѐ НАЈ – лошо. Таа, пак, вадејќи ја маската на нежна принцеза, ги „покажа забите“. Куп навреди, закани, понижувања, борба за микрофон со првиот човек на Советот Трајко Славески, па интервенција од полиција за да се види – кај „избегал“ микрофонот од главната говорница.

Не знае човек дали да плаче или да се смее. Реално, би сме се смееле ние, онака од срце, ама тоа да не се случува кај нас. Да не е Скопје на „издишување“. Но работите не се за смеење, за лелекање се, за пискотници. За да се освестат и Данела и нејзините бивши поддржувачи од ВМРО-ДПМНЕ и сите други советници на чело со Славески, дека тие не се таму избрани за да се натпреваруваат меѓу себе кој кому ќе подметне нешто и кој ќе испадне посилен во моменталната битка. Избрани се да работат за градот и за скопјани. Ако тоа не им е јасно, нека си седат дома. Па нека си се расправаат на Фејсбук и преку соопштенија. Оти вакви какви што се, никому не му се потребни. НАЈ – сериозно!

Моменталната расправија е околу програмата за модерно Скопје со која Данела се бореше за градоначалничкото место и го доби со огромна поддршка на членството и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ. Тешки игри се играат околу тоа. Демек кој повеќе се залагал за остварување на програмата, па чија била, па сите загрижени за интересите на граѓаните. Вмровците дури предложија амандмани на ребалансот на градскиот Буџет тешки околу 120 милиони евра, повеќето проекти за модерно Скопје. Сега им текна. Е браво. На крајот од годината, градоначалничката предлага ребаланс што не е јасно кога има време да се спроведе, овие, пак, експоддржувачите, амандмани со кои е можно да се блокира извршувањето на Буџетот.

И после сите биле загрижени за Скопје и за неговите граѓани. Загрижени се единствено за своите интереси и за „замајување на народот“. А на народот му е преку глава од сѐ. Дури и на нивните страници на социјалните мрежи останаа да викаат „браво“, само лажни профили направени пред неколку месеци за потребите на подигањето на егото на нашите избраници во градот и на градоначалничката, се разбира.

Хаотично помина првата година од мандатот на Арсовска и на советниците од актуелниот состав. Можеби затоа и никаде ја нема градоначалничката да даде отчет пред граѓаните за она што го сторила во тој период, да се пофали, да наброи реализирани проекти. Ако нема со што да се пофали, барем да се извини за она што ветила ама не го направила. Да каже нешто. Затоа што, доколку заборавила да ја потсетиме – таму е каде што е само благодарение на скопјани и единствено ним им должи отчет за својата работа. И мора да го даде!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот