„Нахрани 10.000“, утре на 19 локации низ Македонија

Утре од 10 до 18 часот, на 19 локации пред поголемите супермаркети во шест градови во земјава граѓаните ќе можат да донираат храна за ранливите категории граѓани на кои таа им е најпотребна.

Организатор на хуманитарната акција „Нахрани 10.000“ е Асоцијацијата „Сите сити“ од каде апелираат граѓаните да покажат хуманост и да донираат за нивните сограѓани на кои поддршка и помош им е неопходна.

– За жал, кај нас се уште е срамно човек да се најде во ситуација да нема. Затоа нам ни е многу важно да испратиме порака дека не е срамно да немаш, оти секој може да се најде во таква ситуација во одреден период. Единствено што е важно е да си помагаме едни со други и оние на кои им треба помош да знаат дека има кој да им подаде рака кога им е најтешко“, рече Блаже Јосифовски од Асоцијацијата „Сити сити“.

Храната со подолг рок на траење е најсоодветна за донација. Затоа, во рамки на акцијата од хуманите граѓани се очекува да донираат брашно, тестенини, зејтин ,ориз, грав, сол, шеќер,  грашок, конзервирана храна, супи, бисквити…

Откако храната ќе биде собрана до граѓаните на коишто им е потребна ќе биде пренесена во вид на неделни или месечни пакети. Дел од храната граѓаните сами ќе ја подигнуваат, а дел ќе се носи до нивните домови.

Според податоците со кои располагаат организаторите, а се објавени  од Државниот завод за статистика еден од пет луѓе во Македонија не може да си ги дозволи сите оброци во текот на една година. Според ДЗС, проблем да обезбедат храна имаат околу 445.000 луѓе.

„Нахрани 10.000“ е во организација на Асоцијацијата „Сите сити“ и годинава се одржува по четврт пат. На акцијата се приклучуваат и организациите Х.О. „Св. Спас“ – Драчево, Организација на жени – Скопје, Кризен центар „Надеж“, Асоцијација „Ластовица“, ХОПС Опции за здрав живот, Организација на жени – Битола, Х.О. „Утешител“ – Битола, „Млади хуманисти“ – Битола, „Авена“ –  Кочани, „Импакт нет фондација“ – Велес, Ротари клуб – Штип и Асоцијација за човекови права на Ромите – Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот