Наградуван истражувачки новинар е осуден за шверц на дрога во Подгорица

Високиот суд во Подгорица го осуди истражувачкиот новинар Јово Мартиновиќ (48) на една година затвор за посредување во трговија со дрога. Истовремено судот го ослободи од обвинението за членство во криминална организација.

Новинарот кој во 2018 година ја доби меѓународната награда „Питер Меклер“ за храбро и етичко новинарство пресудата ја оцени „политичка и срамна“ и најави жалба.

„Сведоците сведочеа во моја корист. Сите докази се во моја корист. Судот не сакаше да ги прифати доказите што ги понудив, што покажува дека бев на новинарска задача. Пресудата е напишана многу одамна“, рече Мартиновиќ.

Мартиновиќ беше осуден од Високиот суд во Подгорица во јануари 2019 година на 18 месеци затвор како обвинет за поврзување на шверцери на дрога користејќи ги неговите познаници стекнати во новинарството. Тој во истражен затвор одлежа 14,5 месеци па со тоа се смета дека ја издржал изречената казна.

Од почетокот на судењето новинарот кој работел за најреномираните медиуми во светот, како што се „Економист“, „Њусдеј“, „Глобал пост“, „Фајненшл тајмс“ инсистираше дека сите негови контакти со осудените за трговија со дрога биле дел од неговата истражувачка работа. Тој пишуваше за крадци на накит од бандата „Пинк Пантер“, и на тој начин стапил во контакт со еден од нејзините членови, односно Душко Мартиновиќ.

Мартиновиќ, кој е осуден на шест години и три месеци затвор призна дека учествувал во шверцот, но ги отфрли обвинувањата дека формирал криминална организација и дека другиот обвинет имал врска со трговија со дрога и злосторничко здружување.

Вишиот суд во Подгорица осуди уште шестмина членови на групата.

Пред пресудата, Репортери без граници го повикаа судот да го ослободи Мартиновиќ, додавајќи дека „пресудата ќе биде некомпатибилна со пристапот на Црна Гора во ЕУ, за што независните и плуралистичките медиуми се клучен услов“.

За време на апсењето што се случи во 2015 година Мартиновиќ бил ангажиран за теренски истражувања и наоѓање извори за документарецот „Патот на Калашниковот“ од француската продукциска куќа ЦАПА Прес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот