Награди на СМУМ: „Златна лира“ за Скопскиот дувачки квинтет и кларинетистот Бранко Павловски

Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) со седум концерти од 1 до 16 октомври го одржа фестивалот „Златна лира“. На последната концертна вечер, на 16 октомври во Музејот на македонската борба, традиционално беа доделени наградите „Златна лира“ за 2020 година. Годинашни добитници се Скопскиот дувачки квинтет за животно дело, додека за едногодишна успешна работа наградата му беше доделена на кларинетистот Бранко Павловски.

Скопскиот дувачки квинтет постои четири децении, како еден од првите камерни состави во нашата земја, и претставува дел од една традиција на камерна дружба меѓу плејада македонски уметници од дувачката фела. Како камерен состав има изведено дела од светската ризница и од македонски автори, некои и специјално напишани за овој ансамбл. Квинтетот има реализирано голем број настапи во земјава и пошироко, како и многубројни тонски и ТВ записи.

За своите успеси многупати е наградуван со врвни награди, како наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, највисокото државно признание „11 Октомври“ и други. Од 2002 година Скопскиот дувачки квинтет е под уметничко водство на обоистот и професор Васил Атанасов.

Кларинетистот Бранко Павловски има блескава меѓународна кариера и репутација. Во моментов работи како вонреден професор на ФМУ при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Докторирал на Факултетот за музичка уметност при Државниот универзитет на Луизијана во САД (класа на проф. Роберт Дилутис). Дипломирал и магистрирал на ФМУ во Скопје во класата на проф. Иван Кочаров, а се усовршувал на постдипломски студии во Софија, Прага, Париз. Како солист и камерен музичар настапувал на многу концерти и фестивали низ Европа и САД, соработувајќи со реномирани оркестри и диригенти.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 53, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот