Наградата со фискалните сметки ќе почне од 25 ноември
Сите граѓани кои скенираат фискални сметки и учествуваат во мерката „МојДДВ” од 25 ноември ќе бидат учесници во наградната игра „МојДДВ Моја Награда”. Предвидени се награди на дневно ниво и 15 награди на месечно ниво и две главни награди. Фондот е 31 милион денари и сите награди се парични.
Според министерката за финансии, Нина Ангеловска, тоа е унапредување на мерката „мојДДВ“ која дава резултати и ќе биде дополнителен мотив на граѓаните во борбата против сивата економија.
– Наградната игра МојДДВ #МојаНаграда е еден вид унапредување на мерката која до сега даде резултати. При креирањето на наградната игра тимот кој работеше ги зема предвид и бројните предлози што пристигнаа од граѓаните и задоволство ми е да ви кажам дека добар дел од нив ќе бидат и инкорпорирани во унапреденото решение. Исто така беа земени предвид успешни најдобри практики од други земји. И не само тоа туку одиме чекор повеќе и покрај наградувањето Наградната игра има и едукативни елементи кои ќе влијаат на финансиската писменост, изјави министерката Ангеловска.
– Граѓаните ќе добијат парични награди при скенирање на фискалните сметки дополнително од повратот кој е гарантиран и кој изнесува 15 отсто од ДДВ на фискалната сметка. Повратот ќе продолжи и во декември ќе биде направена првата исплата во износ од три милиони евра назад кон граѓаните, додека со наградната игра овозможуваме дополнително стимулирање и мотивирање на граѓаните да учествуваат во борбата против сивата економија, појасни министерката.
Наградната игра е на Министерството за финанси и Управата за јавни приходи, а ќе ја организира Државна лотарија на Македонија и ќе трае една година.