Наградата „Роман на годината“ на Влада Урошевиќ ќе му биде врачена во Музејот на современата уметност

Покана за настанот во МСУ

Свеченото врачување на наградата „Роман на годината“ за 2022 година ќе се одржи на 30 мај (вторник) во Музејот на современата уметност во Скопје, со почеток во 20 часот.

Лауреат на наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, е романот „Вистината но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ, а во издание на „Арс Ламина“.

Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава ќе биде врачена по 24. пат. Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка (авторство на скулпторот Сашо Саздовски) и паричен износ од 150.000 денари. На свеченото врачување ќе настапи и џез бендот на Гоце Стефковски, соопшти Ѕвездан Георгиевски, Извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ бележи уште една успешна реализација на изборот за наградата „Роман на годината“. Триесет и пет романи годинава беа во конкуренција за оваа престижна книжевна награда, која во земјава се доделува по 24-ти пат, а одлуката за нејзино доделување ја донесе комисијата, која ја сочинуваа: Симона Јованоска (писателка и минатогодишна лауреатка), Сашо Кокаланов, Гоце Ристовски, Илир Ајдини и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“).

– Влада Урошевиќ, оживувајќи го архаичниот македонски јазик, во романот ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто ја вовлекува во приказната на еден толку ненаметлив начин, оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница. Нестандарден во секоја смисла, романот на Влада Урошевиќ ни се обраќа преку своите протагонисти со променлива среќа и ни говори за животот од некое друго, сега веќе далечно време коешто минувало пред лицето на Вардар каков што не го знаеме, а сведочело многу убави и неубави нешта. Време кое во романот започнува во летото 1898 година, а трае сѐ до првите децении по завршувањето на Втората светска војна. Приказната вовлекува со својата ноншалантност, со одмереноста, импресивната фантазија и со сериозно изградените ликови по профил и тежина. Во овој роман има нешто „пркосно“, нешто кое ненадмено отскокнува од другите, а тоа го можат само најдобрите – посочи комисијата во образложението за наградата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот