Наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП 2021 ќе ја добие поетесата Лидија Димковска

Познатата македонска поетеса Лидија Димковска е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Димковска е добитничка на наградата за нејзината поетска збирка „Гранична состојба“ во издание на „Или-Или“, известија од СВП.

Комисијата во состав: Сашо Огненовски, Искра Гешоска, Атанас Вангелов, Весна Мојсова Чепишевска и Лулзим Хазири по прочитот на сите 33 пристигнати книги направила првична селекција и во потесен круг влегоа збирките „Потпис: трепетлика“ – Ана Стојаноска (Три), „Големата прегратка“ – Павлина Атанасова (ПНВ Публикации), „Гранична состојба“ – Лидија Димковска (Или-Или), „Девет преобразби во чудната шума“ – Пандалф Вулкански (Темплум) и „Сватови на песната“ – Даут Даути (Матица Македонска). Одлуката на комисијата била едногласна и недвосмислена.

– „Гранична состојба“ е поетска книга што предупредува насочувајќи ги нашите погледи кон средиштето на отворените рани на светот. Овие стихови, остри како сечила ни ги отвораат актуелните политички и социјални крвавења, ни ги предочуваат сите недоумици и несреќни одлуки, не опсипуваат со глетки од историските страдања кои, за жал, не донеле никаков наук и на ововременските воени и политички лудила.

Лидија Димковска со мудроста на своите стихови предупредува на вриежот на валканата крв, на една неминовност чија бучава не заглушува и навестува татнеж после чија смртна тишина ќе се отвори амбисот на ништоста. Стиховите во „Гранична состојба“ се меко отворање на кортексот на еден ум што мора да се преобрази ако сакаме нашата духовна егзистенција да изроди нова стратегија за опстанок и нова патека кон совршенството – стои во образложението за наградата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 93, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот