Награда „Вавилон“: Преведувачите се тие што овозможуваат меѓукултурна размена

Во уникатен амбиент, помеѓу стотиците преведени книги од класични и современи европски автори на македонски јазик преку програмата „Креативна Европа“, амбасадорот Дејвид Гир ја додели наградата „Вавилон“ за најдобар млад преведувач во 2022 година.

Конкурсот за наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ е во организација на Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Северна Македонија и Делегацијата на Европската Унија. Со доделувањето на наградата на 26 септември во „ЕУ Хаус Скопје“, по деветти пат кај нас, беше одбележан Европскиот ден на јазиците. Станува збор за уникатна награда, која ги отсликува целите на здружението и на европската делегација во однос на промоцијата на културната и јазичната разноликост во Европската Унија.

Церемонијата на доделувањето на наградата ја отвори Никола Ѓелинчески, претседател на организацискиот одбор на наградата „Вавилон“, на присутните им се обрати и амбасадорот на „Вавилон“, професорот и писател Владимир Мартиновски, додека амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ, ѝ ја врачи наградата на победничката на конкурсот и истовремено го отвори јубилејното 10. издание на конкурсот за наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ за 2023 година.

– Преведувачите овозможуваат со литературата да патуваме преку граници. Преводот ни овозможува да искусиме различни култури и норми. Преводот, исто така, создава и ги регенерира повторно литературните ремек-дела. Преводот инспирира нови пристапи помеѓу пишувачите и писателите, и создава свежи гледишта меѓу самите читатели. Накратко, преведувачите се тие што овозможуваат меѓукултурна размена, што всушност е една од најголемите добра на Европската Унија. Преведувачите се тие што придонесуваат кон меѓукултурно разбирање. Тие ги промовираат заемните вредности во Европската Унија. Соживотот помеѓу различните јазици во Европа е илустрација на најпрепознатливото мото во Европската Унија, а тоа е „Обединети во различност“ – рече амбасадорот Гир.

ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир ја врачи наградата на преведувачката Марија Николовска

Добитник на наградата „Вавилон“ е Марија Николовска за нејзиниот превод од француски на македонски јазик на делото „Жена на небото и бурите“ од Вилфрид Н’Сонде.

Пофалени беа Цветанка Стоилова за превод од италијански на македонски јазик на извадокот „Потопениот пресек“ од Џулија Каминито и Маја Тодоровска за превод од англиски на македонски јазик на извадок од „Местото помеѓу“ од Килан Рајан.

Наградените преведувачки на конкурсот за наградата „Вавилон“ за 2022 година

Оваа година пристигнале вкупно 12 апликации, и тоа од англиски, италијански, француски, бугарски, хрватски и германски кон два целни јазици, македонски и албански.

– Конкурсот има за цел да го поддржи квалитетот на преводот на литературни дела, да ги поттикне младите преведувачи да преведуваат од повеќе јазици и да се вклучат преведувачи од повеќе националности за да се збогати културното наследство преку книжевниот превод, а тоа, секако, е доказ дека живееме во мултикултурно општество и потврда дека може да се дејствува во рамки на мајчиниот јазик. Конкурсот е одлична можност да се искуси целиот процес на преведувањето, почнувајќи од истражувањето, па сѐ до адаптирањето и наоѓањето нијанси во преводните решенија, за на крај преводот да биде оценет од поискусни колеги од фелата. Тоа е многу важно, зашто кога зборуваме за книжевни преведувачи тоа не е само професија, туку уметност и умешност, и тој труд треба да биде испочитуван и вреднуван.

Амбасадорот Дејвид Гир и Никола Ѓелинчески

Формалната придобивка се состои од парична награда, објавување на преводот во списанието „Културен живот“ и едногодишно членство во Здружението на преведувачи и толкувачи. Се надеваме дека ова признание на добитниците ќе им даде самодоверба да продолжат да се развиваат во оваа насока и да остават свој печат во културниот живот – објасни Никола Ѓелинчески.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 148, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот