Награда „Лифт“: Стрипот „Назад во 2019-та“ на Евгенија Трајковска е најдобар во 2020-та

Првата награда на третиот годишен конкурс за стрип „Лифт“ за 2020 година на издавачката куќа „Темплум“ ја доби авторката Евгенија Трајковска со стрипот „Назад во 2019-та“. На конкурсот пристигнале петнаесет стрипа од 17 автор(к)и, а графичката приказна на Трајковска се издвоила од сите други и во нејзиниот случај жирито, во состав Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Битољану, имало сосема унисони ставови.

Според жирито, „Назад во 2019-та“ е најкомплетен стрип меѓу пристигнатите, дело со динамична и духовита приказна, како и со одличен цртеж, а нагласени се и неговата релевантност и актуелност. Околу другите награди работата не била толку едноставна, така што второто место го делат три стрипа: „Можност“ на Климентина Соколовска, „Воена песна“ на Анастасија Зафировска и „Promise“ на Иван Коминовски. Меѓу најдобрите се издвоиле уште три стрипа, кои за нијанса не добиле награди: „Зошто јас, Јан?!“ од Христијан Нашуловски, „Издржи“ од Кристина Ѓорѓиоска и „Она девојче онаму“ од Ева Дејановска.

Илустрацијата е од првонаградениот стрип „Назад во 2019-та“ на Евгенија Трајковска

Прворангираната авторка ќе добие книги и стрипови во противвредност од 250 евра. Другите тројца автор(к)и ќе ја поделат предвидената сума за второто и третото место – вкупно 250 евра. Наградниот фонд, во висина од 500 евра, го обезбедија издавачите „Темплум“ и „Бункер“.

По завршувањето на третиот конкурс, од „Темплум“ истакнаа дека ги радува фактот што на конкурсот учествувале неколку талентирани адолесцент(к)и и што доминацијата ја имаат авторките (учествувале 13 авторки и само 4 автори) во медиум што до неодамна се сметаше, речиси, исклучиво за машки.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 66, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот