Награда „Караманов 2022“ за струшкиот поет Милчо Мисоски

Советот на 49. Караманови поетски средби, издавачот на годинашните објави од продукцијата на „Караманови средби“ – ОНБ „Браќа Миладиновци“, како и организаторот на средбите – Центарот за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш заедно со жири-комисијата за избор на најдобри поетски ракописи добиени по конкурс за 49. Караманови поетски средби во состав: проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска – претседател, Борче Панов и Славчо Атанасов – членови го соопштија добитникот на наградата за 2022 година.

Книжевната награда „Караманов 2022“ за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори кои пишуваат на македонски јазик, едногласно, ја добива поетскиот ракопис под насловот „Ефемиди“ од поетот Милчо Мисоски.

– На годинашниот конкурс за наградата „Караманов 2022“ се јавиле 35 поети со свои необјавени поетски ракописи. Од селектираните три најдобри ракописи во најтесен избор: „Монологија на кристалот“ од Љубинка Донева, „Душата на зборот“ под шифра „Мечтателот за подобро утре“, поетскиот ракопис „Ефемиди“ од Милчо Мисоски се издели од останатите ракописи со својата оригиналност, гномичниот израз со раскошна метафорика и рефлексија на мислата. Воедно, оваа поезија се издели и со својот луциден ламент на метафизичкото во кое стихот е како што поетот самиот поентира: „она старо небо кое ги знаеше сите зборови на кои земјата сонува“.

Со изграден и веќе препознатлив поетски јазик „Ефемиди“ на Мисоски нè уверуваат дека од строгоста на имагинацијата вистината ѝ простува на стварноста со што од читателот се бара да биде буден за сѐ она што ни се случува за да не го осудуваме она што не го разбираме, односно да ја разбереме строгоста на вистината – стои во образложението од страна на жири-комисијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот