20 C
Скопје

Награда „Денес“: Четири кандидатки за уметнички престој во Њујорк

Организациите „Факултет за работи што не се учат“ (ФР~У) Битола/ Скопје и Центарот за современи уметности – Скопје, по петнаесетти пат го организираат процесот за доделување на наградата „Денес“ за млад(а) визуел(е)на уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.

Наградата „Денес“ се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која вклучува критичко и естетско размислување и делување. Оваа значајна и независна награда означува двомесечна програма за престој на уметници во „Residency Unlimited“ во Њујорк. Четирите финалистки за наградата годинава се младите уметнички Ана Јовановска, Ана Лазаревска, Симона Манчева и Елена Чемерска. Објавата на добитничката на наградата ќе се одржи онлајн на 29 април, додека од 21 до 29 април, исто така, онлајн ќе може да се погледне изложба со дела од четирите финалистки.

Членови на жирито кое ќе одлучува за добитничката на наградата се Катја Крупеникова, кураторка и критичарка, доцент на ХКУ Универзитет за уметности, Утрехт, и дел од кураторскиот тим на Фондацијата В-А-Ц, Москва; Пол Ластер, писател, куратор и уредник на списанија за уметност; Биљана Тануровска Ќулавковски, продуцентка, кураторка и истражувачка, претседателка на организацијата „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата; Алберт Хета, уметник, дизајнер, уметнички менаџер и уметнички директор на „Стацион“ – Центар за современа уметност, Приштина, Косово; и Верица Ковачевска, уметничка и претходна добитничка на наградата „Денес“.

Награда е организирана во соработка со „Residency Unlimited“ од Њујорк, поддржана е од „The Trust for Mutual Understanding“ од Њујорк и се доделува на секои две години во Македонија. Наградата го носи името на истакнатата уметничка група „Денес“, која постоела во периодот од 1953 до 1955 година во Македонија. Уметничката практика на избраните финалистки е доста разновидна, но заеднички именител е дека нивниот уметнички пристап се заснова на размислување, истражување и експериментирање.

Дело на Ана Јовановска

Делата на Ана Јовановска се фокусираат на истражување на материјали, форми, симболи, говор, звук и јавен простор и нивна комуникација и влијание врз субјективноста. Подеднакво, таа истражува како политиката на економијата и социо-политичкиот контекст влијаат на уметничките дела и на уметничкиот свет.

Дело на Ана Лазаревска

Ана Лазаревска ја истражува потенцијалноста на телото, неговата релација со предметите и звуците, и како тие произведуваат афекти на телото и влијаат на формирањето на себството. Нејзината релација кон телото варира од тивка интроспекција на телото со и без органи, до негови екстензии, што таа ги наоѓа во новите медиуми и технологија.

Дело на Симона Манчева

Уметничкиот концепт на Симона Манчева е насочен кон развојот на близината помеѓу естетиката и животната средина. Таа се фокусира на различни социјални и тековно важни теми на локално и глобално ниво, како што се социјалното вклучување, демократијата, граѓанските права и екологијата, на тој начин рециклирајќи ги и оживувајќи ги.

Дело на Елена Чемерска

Елена Чемерска со своите нови проекти покажува отстапување од дводимензионалноста во нејзината работа. Таа се насочува кон реформирање на јавниот простор, уметноста во јавниот простор и нејзината поврзаност со локалната заедница. Таа, исто така, ја шири својата работа во јавниот простор преку различни поврзани активности, но и други медиуми, како што е уметничката книга.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 77, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 април 2021)

Поврзани вести

Џез-перспективи: Основањето на „ЗЏМ Рекордс“ дојде сосема природно

Тони Димков

Поздрав од Скопје: Десет дизајнерски приказни од „Шизик на ризик“

Тони Димков

Преведена литература: Два тома за македонските поезија и проза се објавени во Србија

Тони Димков

Проект „Превод во движење“ на „Готен“

Тони Димков

Интервју со писателката Румена Бужаровска: Расказот е форма во која сум вљубена

Тони Димков

Ѕидна уметност: Мурал како подарок од Кралството Холандија на Градот Скопје

Тони Димков