Нагелсман или „Мини-Мурињо“: Најмладиот тренер во историјата на ЛШ!

фото: EPA-EFE/Lluis Gene

Голем успех во својата млада тренерска кариера направи Јулијан Нагелсман, го однесе Лајпциг во полуфиналето од Лигата на шампионите, а има само 33 години.

Во осминафиналето го исфрли Тотенхем на Жозе Мурињо, а вчера во четвртфиналето и Атлетико Мадрид на Диего Симеоне. Нагелсман е фудбалски гениј каков што ретко се раѓа, поради што доби и прекар „Мини-Мурињо“.

На 28-годишна возраст го имаше првиот договор со бундеслигашот Хофенхајм, и оттогаш само реди успеси и се развива како тренер. Лајпциг му дојде како надградба и логичен исчекор во неговата кариера, а тој не чекаше долго да го однесе тимот на два натпревари од освојувањето на највредниот пехар.

Интересно е што Нагелсман е помлад од неколку најголеми фудбалски ѕвезди во светот како Роналдо, Меси, Суарез, Варди, Пике…

Нагелсман е првиот тренер кој го елиминираше Симеоне во нокаут-фазата на ЛШ без Кристијано Роналдо во тимот. Симеоне до синоќа испаѓаше само од Реал Мадрид и Јувентус кои беа предводени од Роналдо.

Младиот тренер на 31 година ја одби понудата да седне на тренерската клупа на Реал Мадрид.

Нормално кога ве повикува клуб како Реал, добро размислувате околу тоа. Во првите моменти бев изненаден, но не чувствував дека тоа е добар пат. Сакав да напредувам како тренер, а во Реал нема време за такво нешто. Немате можност да бидете подобар стратег, бидејќи морате да бидете веќе најдобар. Јас тоа не сум, иако можам да признам дека во иднина сакам да бидам најдобар.

Доколку одите во Реал Мадрид или Барселона, навивачите, медиумите и управата вам не ви оставаат време, туку само се бараат победи, титули…Доколку не победите, не можете да кажете пред јавноста дека сте млади и дека и натаму се развивате како тренер – беа тогашните зборови на Нагелсман по добиената понуда од Реал.

Нема многу време за одмор во Лигата на шампионите, неговите „бикови“ за четири дена ќе го играат полуфиналниот натпревар против ПСЖ на стадионот „Да Луж“ во Лисабон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот