Нафта, гас и фотоволтаици се скриените адути за да се помине кризата

Далновод енергетика енергетска политика струја
Струја / Фото: МИА

Компаниите кои имаат стабилни договори за снабдување со електрична енергија, засега не стравуваат од недостиг или евентуален скок на цените, е заклучокот од кусото истражување што го направи „Слободен печат“, со цел да согледа како на терен се рефлектира евентуалната енергетска криза. Добар и визионерски потег е што навреме си направиле и „План Б“ – дел од производството го префрлиле на нафта, гас или си поставиле фотоволтаици, па сега поспокојно ги следат енергетските турбуленции. Искусните стопанственици прогнозираат дека никој не може да предвиди што ќе се случува по Нова година, но се на ставот дека потоа ќе имаме помирен тек.

– Веќе неколку години имаме стабилно снабдување и стабилен договор со ЕДС, а производството ни е комбинирано и на струја и на гас. Цената на струјата како импут влегува со 5 до 10 отсто, но загрижувачки е што дивеат цените на репроматеријалите. Ако се остварат предвидувањата за драстично поскапување на струјата, ќе немаме друго чаре освен да ги покачиме и нашите цени, ама засега тоа не е во игра – објаснува за „Слободен печат“, Слободан Кутревски, прв извршен директор на „Пекабеско“. Тој вели дека и потрошувачката засега е стабилна, а мало затишје за сувомесните производи се очекува во ноември-декември за време на постите.

Според одговорните од „Випро“, една од најголемите компании извозници на конзервирани производи, сета среќа е што нивното производство не зависи само од струјата, туку користат и нафта и гас.

– Цената на струјата во цената на производството како импут изнесува околу 20 отсто. Имаме стабилен годишен договор со ЕВН, а со нив соработуваме веќе две години и сме презадоволни. Но, никој не може да предвиди што ќе се случува догодина. Затоа мора да ги шириме пазарите и да го зголемуваме извозот за да работиме – вели за „Слободен печат“, Виктор Петков, сопственик и генерален менаџер на „Випро“ од Гевгелија.

Лани во истражувањето на австриското Меѓународно здружение за развој на менаџментот (ЦЕЕМАН) и Бледската школа за менаџмент (ИЕЦД) беше проценето дека „Випро“ е втор најголем производител на ајвар во светот.

Конфекцијата „Единство“ од Струмица е меѓу оние кои имаат поставено соларни панели  и од пред три години со нив обезбедува 40 отсто од потребите за струја. Иљо Кузманов, претседател на УО, за „Слободен печат“ истакнува дека ги предвиделе енергетските турбуленции и склучиле шестмесечен, ценовно стабилен договор со ОКТА за снабдување со струја, но користат и нафта за техничката пареа.

– Месечната сметка за струја ни е 160 илјади денари, а фактурата за нафта ни е двојно повисока. До 15 часот користиме струја од фотоволтаиците, а остатокот се продава – додава Кузманов. Конфекцијата, која работи за англиската војска, но за домашната полиција, како и останатите текстилни фабрики, има проблеми со набавката на репроматеријали, а последниве години и со квалификувана работна сила.

И „Кожувчанка“ се подновува со фотоволтаици

За дваесеттина дена „Кожувчанка“ ќе ги стави во функција, фотоволтаичните панели со моќност од 1,4 мегавати, а Јанинка Чупаркоска, генерален менаџер на компанијата за „Слободен печат“, додава дека според студијата, инвестицијата од 1 милион евра ќе се врати за 7 до 10 години.

– Од панелите на фабриката во Кавадарци ќе покриваме 90 отсто од потребите за струја, додека за фабриката во Мрежичко, панелите ќе обезбедат 40 до 60 отсто од потребите. Произведената струја нема да ја продаваме – објаснува Чупаркоска.

Во моментот компанијата има стабилен годишен договор со ЕДС, а според Чупаркоска, овој енергенс има значителен импут во цената на производството, но во моментот ги загрижува раст на цените на сите репроматеријали.

– Се трудиме да нема поскапување на готовите производи и да го префрлиме тој дел од трошокот на крајните потрошувачи – децидна е генералната менаџерка на „Кожувчанка“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот